Документарната претстава „8%“ на 26 ноември во Театарот за деца и младинци во Скопје

АТО Центар за современа уметност и култура – Битола на 26 ноември, вторник, во 20 часот ја најавува документарната вербатим претстава „8%“, чија изведбата ќе се случува во Театар за деца и младинци – Скопје.

„Претставата ‘8%?’ е работена според истражување и интервјуирање на лица од различни градови во државата кои биле изложени на дискриминација, семејно насилство и системски неправди. После неколку месеци истражувачка фаза во текот на 2023 година креативниот тим во соработка со интервјуираните лица во претставата раскажуваат различни непријатни вистини кои се сензитивни за македонскиот народ како и за системот. Вистини кои лицата се плашат да ги кажат на глас. Вистини кои друштвото не ги препознава или најстрашно – ги одбегнува“, велат од АТО Центарот.

Оттаму објаснуваат дека во претставата, освен актерите – исто така се појавуваат и вистински личности кои публиката има прилика да ги слушне нивните фатални проблеми кои зависат од системот.

„Заклучокот од истражувањето и пораката на АТО Центар заедно со театарскиот тим до јавноста е дека: ‘Системот сме ние, и ние го градиме системот! Одговорни сме сите!’“, посочуваат од АТО Центарот.

Театарскиот проектот е поддржан ГИЗ – Скопје.

Автор и режисер е Јован Ристовски, ко-автор е Весна Куслеска, костимограф е Марта Дојчиновска, а драматург – Билјана Крајчевска.