На 12 април (среда) со почеток во 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одигра документарната театарска претстава „Чекална“.
Претставата се заснова на доживувања и животни сведоштва на луѓе со различна психосоцијална и културолошка позадина, со цел да се истражат начините на кои непрестајната општествена транзиција во Македонија се одразува врз личното секојдневие на луѓето во изминативе 3 децении.
„Секоја приказна што е одбрана да биде дел од оваа претстава, колективот има обврска да ја пренесе автентично, запазувајќи ги поединечните ставови, размисли и доживувања на секој од интервјуираните луѓе. Со тоа потенцираме дека приказните што ќе ги слушнете, не подразбира дека пренесуваат некаков личен став или гледиште на индивидуите кои се дел од уметничкиот колектив и Атриум како организација“, се посочува во најавата за претставата
Во „Чекална“ глумат Дарко Ристовски, Наталија Ристеска, Никола Ристески, Стефанија Митовска, Марија Димитрова и Томислав Давидовски. Режија на претставата е Кристина Димитрова, драматизација Ева Камчевска, продуцент е Дино Чупевски, сценограф Мартин Манев, дизајнер на светло Игор Митревски, композитор Томе Темелкоски, a графичка дизајнерка е Ива Јованова.
Картите се достапни на веб-страницата и билетарата на МКЦ по цена од 300 денари.