Изложбата „Домашна работа“ на Кристина Божурска ќе биде отворена утре, 14 јули во просториите на КСП Центар-Јадро, со почеток од 20 часот.
„Нашата почетна точка на онлајн работилниците беше разгледувањето на дела од автори чиј главен фокус е социјалниот ангажман. Потоа го користевме ова искуство како средство за отворање на дискусија, правење паралели со личните животи, мобилизирање на идеи и иницирање акција. Младите учесници беа охрабрени да го препознаат потенцијалот што уметноста може да го има во обликувањето на нашата социјална реалност. Тие беа охрабрени да создадат и свои уметнички дела со различни достапни материјали со цел да посочат на социјалните теми и проблеми од нивната локална заедница, притоа носејќи ја уметноста на неочекувани јавни простори. Создавањето на пињати пред КСП Центар – Јадро не однесе во друга форма на учеството на публиката. Креиравме настани за дружење со соседите и случајните минувачи и заеднички изработувавме предмети потребни за изложбата“, истакнува Божурска во својот текст за целите и фазите на проектот.
Божурска го развивала својот проект во периодот март-јули во кој свое активно учество земаа Јана Иванова, Јована Лалчевска, Грегор Пешевски, Благица Стојанова, Ивона Здравева, Денис Денчиќ, Софија Краљевска, Исидора Божиновска и Лукас Картер.
Во текот на својата работа, таа соработуваше со реномираниот куратор од Словенија, Тевж Логар .
Кристина Божурска дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, a во 2017 магистрирала на Институтот за културолошки студии, Скопје, фокусирајќи се во своето истражување на социјалните практики во уметноста. Во своите дела користи мноштво техники и материјали, вклучувајќи готови предмети, сликарство, цртеж, текст и видео. Суштина на нејзината практика е социо-политичкиот контекст каде преку изборот на материјали и визуелни референци директно ги коментира актуелните проблеми.Честопати трга од отфрленото, непотребното, заборавеното, во обид да го помести фокусот на опсервација и да го преиспита доминантниот консензус.