Замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот повторно ќе поскапат, откако Владата на денешната седница ги коригираше највисоките цени на овие прехранбени продукти во трговијата на мало.
Највисоката цена на килограм свежи домати се покачува од досегашните 70 на 95 денари. Максималната цена на краставиците ќе се зголеми од 75 на 95 денари, а на кромидот од досегашните 60 на 70 денари. Замрзнатата цена на пиперките ќе биде 100, а на гравот 95 денари, додека цената на леќата останува иста – 110 денари за килограм. Кај овошјето сите замрзнати цени се покачуваат за по пет денари. Највисоката цена на бананите ќе може да биде 75 денари, портокалите до 60 денари, мандарините најмногу ќе можат да чинат 65 денари, а лимоните 60 денари за килограм. Кај карфиолот се укинува ограничувањето на највисоката цена.
Од Министерството за економија велат дека ваквото решение е поради тоа што увозната цена на одредените видови овошје и зеленчук е зголемена поради претстојните празници според најновите податоци од Царинската управа.
„По консултациите со увозниците на овошје и зеленчук и со претставници од Стопанската комора на Северна Македонија кои ги имавме минатата недела и согласно доставените податоци и од Царинската управа, утврдивме зголемување на увозните цени и до 30%, посебно кај доматите, краставиците и кај гравот. Контролите на инспекциите и надлежните институции ќе продолжат и во наредниот период се со цел да не бидат оштетени граѓаните, Буџетот на државата, како и да се сузбие и сивата економија и да има поголема конкурентност на домашното производство“ кажа министерот за економија Крешник Бектеши образложувајќи ја последната одлука на Владата.
Ваквото ограничување на највисоките цени на овошјето и на зеленчукот во трговијата на мало, останува да важи до 30 април 2023 година, а ќе стапи на сила по објавување во Службен весник.