Домчето во Ченто повторно ќе стане центар на култура

Домот на културата „11 Октомври“, лоциран во паркот во Ченто, моментално се реконструира, а по обновата е планирано да се простира на 1.000 метри квадратни, да има три нивоа, да биде енергетски ефикасен и целосно инклузивен со лифт и тоалети за лица со атипичен развој, со капацитет за 180 гледачи.

„Повеќе од четири децении ова место беше најцрната точка во општина Гази Баба во кое се вршеа и девијантни појави, а за помалку од 18 месеци од денес ќе прерасне во центар на културата. Вкупната инвестиција е 84.240.000 денари обезбедени од првиот јавен повик на Владата и изразувам благодарност за финансиската поддршка на инфраструктурни проекти во општините која од историска важност и ќе донесе забрзан развој кој ќе ги реши децениските проблеми на граѓаните“, изјави градоначалникот Стефковски.

Ова е еден од четирите проекти кои ќе се реализираат во општина Гази Баба со средства од државниот буџет, за кој Општината аплицираше на првиот владин јавен повик.

„Повеќе од 40 години, скоро сите политички гарнитури ветуваа реконструкција и инвестиција за подобрување на условите за овој Дом, но, тоа досега, за жал, не се случи. Оваа Влада, преку првиот повик, успеа и овозможи средства за обнова на објектот, кое е култно место за жителите на Гази Баба. Домот на култура ќе стане центар на креативност и културни настани, место каде што ќе може да се собираат нашите деца, културни друштва и сите љубители на уметноста и културата“, рече министерот за локална самоуправа, Златко Перински.

Инаку, Радио МОФ пред неколку години напрви видео за некогаш популарното Домче во Ченто, кое долго време зјае празно, a меѓувремено беше чистено преку неколку акции. Исто така, неодамна на него беше нацртан и мурал, додека организацијата „Културно ехо“ бараше ревитализација на овој култен објект за локалната заедница.