Донесени измените на Законот за урбанистичко планирање, „О2 Иницијатива“ бара Сиљановска да не го потпишува указот

Со 64 гласа „за“ и 11 „против“ денеска во Собранието се изгласаа експресно измените на Законот за урбанистичко планирање. Откако претходно реагираа за последиците од измените, „О2 Иницијатива“ сега ја повикуваат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпишува указот за прогласување на овој закон и да го врати законот на повторно разгледување во Собранието, со задолжителна јавна расправа. 

„Овој закон е донесен по скратена постапка, иако последиците од него се огромни и нè засегаат сите. Донесен е без јавна расправа, без консултации со стручната јавност, без објавување на Единствениот Национален Електронски Регистар на прописи на РСМ (ЕНЕР) со можност да се дадат коментари и да се влијае во процесот на негово донесување, без задолжително известување на сите засегнати здруженија на граѓани и невладини организации. Ваков суштински закон чии последици ги трпиме сите не смее да се донесе без јавна расправа и учество на стручната јавност и граѓанските организации“, стои во обраќањето на еко-активистите до претседателката.

Со законот, велат тие, се дозволува повторна изработка на урбанистички планови според стари и неважечки закони и правилници до недоглед, кои за повеќе од 4.5 години не се завршиле.

„Што укажува на проблем со овие планови, штом не се донеле во толкав временски период, а се изработени со несоодветни параметри, зошто во меѓувреме имаме нови податоци од пописот, просторот се изградил, има изградени линиски центри чии параметри не биле вклучени во планирањето, а сепак ги искористиле најголем дел од ресурсите, итн. Според изјавата на министерот за транспорт, бројката е околу 600 вакви урбанистички планови кои не се донеле во изминативе 4.5 години, да продолжат да се изработуваат по стари невалидни закони и правилници и како такви да се донесат и предизвикаат дополнителен хаос во просторот во кој живееме“, се вели во барањето.

Исто така, алармираат активистите, со законот се дозволува изградба на катни гаражи без донесен детален урбанистички план, само со урбанистички проект.

„Тоа значи самоволие и хаос, градење кој каде ќе му текне на вакви големи објекти, каде зеленилото и парковите ќе бидат првата жртва, каде граѓаните не се прашуваат и нема начин преку јавна анкета да го дадат своето мислење, каде Советот на општина нема право да одлучи со гласање. Исто така, со законот се отстранува одредбата одлуката со која се донел урбанистички план да е ништовна, ако нема добиено согласност од министерството за транспорт. Ова е суштинско за да се спречи злоупотреба и спроведување на планови кои не се валидни. Дополнително, со законот се дозволува да нема изработено урбанистички планови за одредени подрачја уште од 2013 година и да важат штетни општи акти, како тој за Лагадин со хотелот покрај брегот, кои требало да бидат само преодна форма до изработка на урбанистички планови“, стои во барањето до Сиљановска-Давкова.

Еко-активистите ги повикуваат и останати граѓани да испратат барање до претседателката да не го потпише указот за прогласување на овој закон.

Инаку, како што пренесува Канал 5, единствен кој се појавил денеска на собраниската говорница бил министерот за транспорт и предлагач Александар Николовски, според кој измените се носат по скратена постапка поради јавен интерес, бидејќи поедноставно и со помалку процедури ќе можат да се градат училишта, болници, градинки, како и катни гаражи, а посочил дека ќе се одглават и 600-тини ДУП-ови кои со години биле заглавени во процедури.

Дополнително Николоски најавил и донесување на специјални закони за Општина Центар и О. Карпош со кои ќе се затворат сите прашања со урбанистичкото планирање, односно да се создадат јасни критериуми по кои овие општини во иднина ќе се развиваат, бидејќи поради хаосот, според него, во овие две општини не треба да се казнува целата држава.

Претходно, законот помина и на комисиска расправа, а Николоски соопшти дека за предложените законски измени добил поддршка и од ЗЕЛС.

Бојан Шашевски