Од ХОПС – Опции за здрав живот, организираат хуманитарна акција за собирање на средства за луѓе и семејства кои живеат во социјален ризик, на маргините на општеството, насловена „Донирај храна, донирај топлина“.
Од ХОПС велат дека се во контакт со повеќе од 1000 луѓе и семејства кои живеат во социјален ризик.
„Во последниот период, сведоци сме дека се’ поголем број на луѓе во нашата заедница, па и пошироко, се приморани да направат избор дали да ги подмират основните трошоци за живот или да купат храна за себе и за своето семејство, особено лицата кои живеат на работ на сиромаштија. Поради тоа се случува овие лица и неколку дена да останат гладни, со што им се нарушува основното човеково право – правото на храна“, посочуваат од организацијата.
Од ХОПС истакнуваат дека потребна е помош за обезбедување на најранливите оброк кој ќе го стават на својата трпеза, со што барем малку ќе се поткрепи нивното достоинство, а донацијата може да се изврши на неколку начини:
– Онлајн, на платформата на е-crowd со донирање на одредена сума.
-Лично да купите прехрамбени прозводи (не лесно расиплива храна) и да ја доставите до Дневниот центар за рехабилитација и ресоцијализација на ХОПС (Коста Кирков бр 16 – Центар, Скопје тел: 02 520 2071).
– контактирате ги ХОПС на 077/ 791 – 337 за тие лично да ја подигнат донацијата.
„Заедно да се погрижиме овие луѓе да не останат гладни во овие тешки времиња. Вашата поддршка и помош е значајна и клучна, за да донесеме промени во животите на оние на кои им е најпотребно. Овие средства ќе ги обезбедат потребните прехрамбени продукти кои ќе се искористат за подготовка на топли оброци во центрите, како и испорака на храна на клиентите кои им е најпотребно“, заклучуваат од ХОПС.