Креирана е нова специјализирана веб-страна за родот и медиумите што ќе биде центар за информации за родовите прашања, информираат денес од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).
„Страницата ќе биде ресурсен центар за медиумите, место каде што можат да најдат ресурси, информации, линкови за различни аспекти на родовите прашања, вклучувајќи го и родовозаснованото насилство, но и место на кое граѓаните можат да најдат корисни линкови и информации – вклучувајќи ги и институциите и организациите од кои можат да побараат помош во случај да се подложени на родовозасновано насилство“, истакнал директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски на денешната прес-конференција каде беше промовиран новиот веб-сајт.
Страницата се администрира од страна на ААВМУ и таа е достапна на македонски, албански и англиски јазик, а е прилагодена и за лица со оштетување на видот.
Како што информираат од ААВМУ, на веб-страницата сите институции и граѓански организации можат да ги споделуваат материјалите и активностите кои ги работат на полето на родовите прашања. Со ова, како што велат оттаму, тие ќе придонесат таа да биде квалитетен ресурсен центар за сите новинари, истражувачи кои работат на оваа проблематика, како и за општата јавност.
На прес-конференцијата се обратила и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, осврнувајќи се на заложбите на МТСП во унапредувањето на родовата еднаквост на државата.
„Целта е превенција и ефективна заштита на жртвите од каков било облик на родово базирано насилство со почитување на основните човекови слободи и права“, посочила министерката.