Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, информира дека до Собранието и Владата доставиле Предлог-закон за комунална полиција на Градот Скопје. Во пресрет на месеците кога континуирано се бележи зголемено загадување, вели таа, комуналната полиција ќе претставува системски механизам во борбата против загадувањето, но и ќе придонесе за воведување комунален ред во градот.
„Создавањето диви депонии, фрлањето комунален отпад на недозволени места, палењето контејнери, гуми и отпад, нарушувањето на комуналниот ред се предизвици со кои Градот Скопје секојдневно се соочува. Континуирано ги преземаме сите мерки од наша надлежност за санкционирање на сторителите, а нашата цел е да воведеме ред и на граѓаните да им го овозможиме тоа што е најважно, да живеат во чиста и здрава животна средина. Од тоа нема да отстапиме и токму поради тоа сметаме дека донесувањето на Закон за комунална полиција на градот Скопје е од исклучителна важност за поефикасно и побрзо справување со загадувачите на терен. Затоа повикуваме да се прифати ова системско решение, строго регулирано со Закон, за доброто на граѓаните како во останатите главни градови во регионот како Белград, Тирана и Подгорица, но и во многу градови низ Европа. Искуствата и придобивките се многубројни и позитивни особено за справување со оние кои континуирано се обидуваат да ги изиграат законите“, соопшти Арсовска.
Според сознанијата на Град Скопје, вели таа, во програмата на Владата која се однесува на животната средина и проектите за реализација од 2020 до 2024 година, објавена е програмска заложба дека во овој период треба да се изработи и донесе Закон за комунална полиција, затоа со овој предлог закон по примерот на останатите метрополи во регионот, ги повикуваме Собранието и Владата да го разгледаат, поддржат и донесат во најкраток можен рок.
„Градот Скопје смета дека согласно овој закон овластените лица треба да бидат посебно обучени, постојано на терен, секојдневно вршејќи надзор и санкционирање на прекршителите во однос на управувањето со отпад и загадувањето на животната средина. Со тоа значајно ќе се придонесе за почитување на комуналниот ред во градот, а обидите за загадување и фрлање шут по градските улици и општини трајно ќе се превенираат“, соопшти Арсовска преку социјалните мрежи.
Од иницијативата НаТочак даваат поддршка за Град Скопје за поднесокот на предлог-законот со Собрание и Влада.
Посочуваат дека комуналната полиција би се грижела за комуналниот ред во градот. Но, исто така, велат тие, очекуваат надлежностите на комуналната полиција да биде и зафаќањето на јавните простори.
Јавниот простор (плоштади, пешачки површини, велосипедски патеки, паркови) ни е грубо нападнат од разно-разни тераси кои постојано се шират, од контејнери поставени без елаборати, од хаварисани возила, од опрема со непознати сопственици и пред сѐ од нелегално паркирани возила. Буквално е станато ‘норма’ тротоарот да се користи за паркирање, а не за пешачење! Децата одат по коловоз до градинка. Учениците одат по коловоз до училиште. Лицата со посебни потреби не можат да се движат независно и остануваат дома или и тие ризикуваат и се движат по коловоз“, стои во соопштението на НаТочак.
За еден град да изгледа пристојно, да функционира нормално, да покаже основна култура, велет тие, пред сѐ треба самиот да има надлежност да си ги ослободи јавните простори.
„Моментално единствено надлежни да казнуваат за ‘погрешно паркирање’ се МВР, а очигледно теми како уреденост и достапност на јавен простор не им се во фокус и не им се приоритет, ниту кај нас, ниту било каде. Полиција треба да се бави со поголеми прекршоци. Само градска служба (комунална полиција) би имала мотив да работи на решавање на тој проблем. Градовите кои имаат комунална полиција, имаат и таква надлежност. Скопје има многу ниско ниво на јавна култура во користење на јавниот простор. Даваме поддршка за формирање на комунална полиција. Само така Скопје може да стане почист, посреден и покултурен град!“, се вели во соопштението на активистите од НаТочак.
Радио МОФ лани веќе истражуваше на темата. Тогашниот раководител на Инспекторатот на Град Скопје, Мирослав Богдановски посочи дека комуналната полиција дошла како идеја уште во 2018 година, бидејќи се соочиле со бројни проблеми на терен. Од неможност за легитимирање на лица-сторители, „врзани раце“ на инспекторите, некоординација со општинските и државните инспектори… Оттука, рече тој, направиле текст, своевиден предлог-закон за комунална полиција, по примерот на Белград, каде е ваквата служба е основана во 2010 годиа, а од 2016 станува Секретаријат за комунална полиција. Тој Секретаријат има ингеренции и да отстранува возила од јавни површини, се грижи за јавните простори, спречува питачење, контролира градилишта и дивоградби, контролира угостители и ниво на бучава, спроведува надзор на јавниот простор и др.
Според Богдановски, кој веќе не е на листата вработени во Инспекторатот, комуналната полиција би ја олеснила и убрзала работата за ставање ред во градот. Комуналните полицајци би биле добредојдени и на расположливиот арсенал на Инспекторатот, кој лани имаше седум возила и вкупно 56 луѓе, од кои 15 комунални инспектори и 14 редари за цело Скопје.
Идејата за комунална полиција беше прифатена и од скопските општини. Пет од шестте контактирани локални самоуправи гледаа потреба да се формира градска комунална полиција. Аргументите се движеа од тоа дека се зависни од МВР, имаат потешкотии за легитимирање, честа мета се на напади, па се’ до недоволна екипираност, мал буџет и ниски казни. Дел од општинските и градски инспектори со кои поразговаравме, се чудеа како може казната за сечење тридецениско дрво да биде 50 евра. Укажуваат дека се несразмерни глобите за физички и правни лица, а некои реагираат и дека МВР слабо учествува во делот во Законот за јавна чистота, иако нивните луѓе се најбројни и имаат свои ингеренции.
Комуналната полиција беше прифатена како предлог и од „Комунална хигиена“, со оглед дека нивната еко-патрола нема надлежност да ги санкционира граѓаните, туку само да ги едуцира и информира.
„Имајќи предвид дека од година во година количеството неправилно одложен отпад на јавни површини драстично се зголемува, секако ја поздравуваме идејата за формирање комунална полиција, која би имала поширок спектар на надлежности и на тој начин поделотворно би го превенирале и спречиле неправилното одлагање на отпадот“, посочи портпаролката на претпријатието, Ана-Марија Бранѓолица.
Бојан Шашевски