„Графитите опстојуваат како своевиден феномен, на некаква урбана јавна комуникација. Вештачка интелигенција не може да ги замени“, вели уметникот Матеј Богдановски, кој заедно со писателот и критичарот на култура, Игор Анѓелков од издавачката куќа „Или-или“ моментално работат на збирката скопски графити „(До)живеј го Скопје“.
За збирката, авторите велат дека обид да се замрзне времето во шарено книже полно со радости, што содржи над 250 фотографии од графити и десетина текстуално забележани графити, од кои не успеале да најдат фотографија. Оттаму, додаваат дека збирката претставува добар и вреден документ за една суб-култура која опстојува со децении во Скопје.
„Дали живееше денес?“, „Сите сме зависници“, „И гравитацијата понекогаш е опасна“, „Џабе ти се силам и глумам смел“, „Капитализмот ја убива љубовта“, „Ја оставив заради цигарите“, „Ти си сѐ“, „Идам да се надминам“… Ова се само дел од „култните“ скопски графити кои ги издвојува Анѓелков.
„Веројатно најскокотливи и најдосетливи за пошироката публика се оние графити од политичка провиниенција, но јас сепак ги преферирам оние авторските, каде што личноста со спреј во раката во моментот пишува порака која може да ве насмее, замисли, растажи, развесели… само нема да ве остави рамнодушни. Сите графити се вредни за внимание, некои се веќе дел од колективното сеќавање на Скопјани како „Лела, мандарините поскапеа, а ти уште си ми скарана!“, посочува тој.
Идејата и соработката за збирката се случила спонтано. Богдановски забележал објава од „Херој на еден ден“, блогот што го води Анѓелков, каде се набројувале десетици скопски графити кој тој лично ги сликал низ градот.
„Ме израдува што некој го прави она што и јас го правам, а тоа е да фотографирам интересни графити, каде и да се. Овие се погодија да бидат скопски. Му предложив да ги споиме нашите фото-архиви и да ги ставиме во една книга и така да бидат сочувани и претставени на јавноста и на новите генерации. Сите знаеме дека графитите не се со долг век, така што сеќавањето на нив може да продолжи само ако има некаков запис“, вели Богдановски.
Потоа процесот станал отворен и објавиле и јавно барање на Фејсбук, а луѓето сами да приложуваат свои фотографии од графити.
„Во меѓувреме јас истражував и по интернетот, обидувајќи се да соберам што повеќе материјал. И мислам дека успеавме во книгата да ги стваиме сите легендарни графити од кои можевме да најдеме фото запис.
Интересно е што насловот потполно сам си дојде и си се вклопи“, вели Богдановски.
Анѓелков, од издавачката вели дека веќе има издавачки историјат со графитите, откако во 2005 година за „Темплум“ ја приредил книгата „Графити“.
„Во книгата во 19 поглавја насловени според темата која ја обработуваат беа застапени стотици графити од целиот свет, а во 20 поглавје ги третирав актуелните ‘скопски графити’ кои во моментот беа актуелни на скопските ѕидови, со што успеав да ги зачувам од заборав. Во годините потоа продолжив да ги документирам графитите кои се појавуваа на јавните површини низ метрополата, и благодарение на социјалните мрежи, ги правев достапни и за пошироката публика, со намера пораките да стигнат и до оние сограѓани кои можеби поради околното сивило, или можеби сивилото во нивната глава од грижи и проблеми, не ги перцепираат пораките кои се насекаде околу нив“, вели Анѓелков.
Тој се надоврзува дека токму ваквата практика го споила со Богдановски, кој исто така се бави со архивирање на графити.
„Мојата намера беше еден ден сето тоа да се појави во нова графити-книга, а иницијативата на Матеј само ја заокружи таа моја желба и замисла која траеше со години“, нагласува Анѓелков.
Богдановски објаснува дека на една негова фотографија од скопска зграда, конкретно онаа кај што бил клубот „Мамас“, го забележал графитот „(До)живеј го Скопје“.
„Графитот не го забележав кога ја штракнав фотката туку отпосле кога ја средував во Фотошоп, подготвувајќи ја за нешто сосема друго. Мислам дека не можеше да биде подобро од тоа, истиот да биде и насловот за книгата“, посочува тој.
„Цело Скопје зоолошка“
Зборувајќи за анегдоти зад некои од графитите, Богдановски ја издвојува паролата „Ах, Париз, Париз“, препознатлив графит испишан на фасадата на Архитектонскиот факултет.
„Го имам сликано околу 2010, но дури сега, кога ја подготвував книгава, дознав, барем како што тврди татко ми, дека е тоа реплика од филмот „Златни години“ работен по негово сценарио. Ја погледнав сцената, има таква реплика, само изговорена на француски. Дали е инспирацијата навистина од таму, знае само тој што го напишал графитот“, вели тој.
Анѓелков пак, сподели анегдота поврзана со графити и времето на пандемиските карантини, кога наутро пешачел накај работа.
„Населението беше скриено во сопствените домови иако полицискиот час почнуваше во 16, или нешто подоцна, во 21 часот. Во 9:30 наутро само по некој автомобил ќе зататнеше низ Илинденска. Се чудам, но истовремено и уживам во привилегијата еден речиси милионски град да звучи толку тивко и смирено. Во таква ситуација имав доволно време да се загледам во сите скриени ќошиња на мојот град кои во динамичен ден сум успеал да ги промашам, да не ги забележам. И тогаш стигнувам на раскрсницата пред зоолошката градина, на чиј ѕид со огромни букви урбаниот мудрец со црн спреј запишал: ‘Цело Скопје зоолошка’. Нема ништо повеќе да додадам, ниту да одземам“, се потсетува тој.
Графитите го доловуваат духот на времето на еден град
Богдановски забележува дека дебатата за тоа дали се вандализам или улична уметност е многу стара, но додава дека тие постоеле, постојат и ќе постојат.
„Мислам дека се неодвоив дел од градското живеење, а мислам и дека на некој чуден начин зборуваат за дyхот на времето во еден град. Јас лично ги сакам тие и ги оправдувам кога се артистички или поетско-филозофски“, вели уметникот.
И Анѓелков се надоврзува дека графитите го претставуваат духот на времето.
„Тие се народни мудрости кои нашиот граѓанин ги акумулирал во себе, ги одживеал, и кога дошол до точката јавно да вресне за она што го мачи, тогаш посегнал по спрејот и револтот го запишал на ѕидот, за да стигне до оние со кои го дели општествениот контекст во кој живее и делува во моментот. Графитите се доказ дека и покрај долгата транзиција во која сѐ уште чмаеме, во овој град и во оваа држава има луѓе кои сѐ уште размислуваат со својата глава“, додава тој.
Тој дополнува дека отсекогаш ги обожавал графитите бидејќи се слободна форма на изразување, бидејќи приказната е толку едноставна: имате ѕид, имате спреј во раката, добра мисла или талент за цртеж и магијата се случува веднаш, тука и сега.
„И не ви треба ништо повеќе! Многу ми се допаѓа досетливоста и хуморот со кој вообичаено изобилуваат графити-пораките, и токму таа луцидност е она што ме привлекува додека се шетам низ родниот град, широко да ги отворам сетилата и да забележам што е она што го нудат околните ѕидови. Со тоа тие како да стануваат една галерија на отворено во која секој може непречено да ужива и твори“, истакнува Анѓелков.
Важноста на документирањето и архивирањето
Анѓелков продолжува велејќи дека графитот е крик кој денес ќе го прочитате, а утре веќе може да не е достапен поради цензурата – четката со бела боја (без разлика кој ја држел и го пребојадисал ѕидот со неа).
„Поради тоа, многу е важно графитите да се архивираат во една ваква книга, за да остане како сведоштво и за следните генерации кои биле темите и нештата со кои сме се занимавале во одредено време од нашиот живот на овој „проклет“ простор. Токму затоа и со Матеј заклучивме дека можеби е добро ваков тип на книга да излегува на секои пет до десет години“, вели тој.
Анѓелков дополнува дека архивирањето и документирањето на уметноста, или уметничките акции, одамна е вообичаена процедура во развиените општества, додека во земјава се каска во место.
„Зборувам за државни институции на кои тоа треба да им биде должност и обврска, а камоли за една ваква иницијатива, која повеќе е резултат на ентузијазам и поклопување на коцките и енергиите на двајца протагонисти кои, ете, по игра на случајот, влегуваат во убава и креативна соработка која на крајот ќе резултира со графити-книга“, истакнува тој.
Издавање надвор од институционални рамки
Збирката „(До)живеј го Скопје“ е интересна и поради процесот на финансирањето на нејзиното издавање. Исто како што содржината на збирката е собрана јавно, така и граѓаните можат да се вклучат во постапката за издавањето.
Богдановски и Анѓелков информираа дека сите заинтересирани за книгата можат да си обезбедат примерок од ограничен тираж, преку претходно купување на ваучер. Преку средствата од ваучерите, авторите ќе имаат можност да ја испечатат книгата, заобиколувајќи ги институционалните лавиринти.
„Идејата со ваучерите ја предложив јас, како некој што неуморно се труди за своите проекти да биде финансиски независен од вообичаените конкурси на Министерството за култура. Со ваучерите имаме сите корист, тие што сакаат да ја имаат книгата можат да си ја набават по пониска цена, а со купувањето овозможуваат книгата (побрзо) да се реализира. Можеби е малку невообичаено, но со ваква акција, секој купувач на ваучер, на некој начин станува дел од реализацијата на оваа приказна наречена ‘(До)живеј го Скопје’, а малото парче хартија ќе му остане како артефакт кој ќе сведочи за тоа“, појаснува Богдановски.
Анѓелков посочува дека искрено се надеваат дека секој жител на Скопје треба да ја поседува збирката графити.
„Затоа започнавме со двонеделна кампања за време на која заинтересираните ќе можат да ја купат книгата во претплата по промотивна цена. Засега интересот е одличен“, вели тој.
Авторите истакнуваат дека моментално, чекаат да помине првиот, ударен бран на интерес за збирката, а најавуваат пролетна промоција на отворено, набргу.
„Секој што е заинтересиран за книгата „(До)живеј го Скопје“ може да го набави ваучерот за 400 денари, во книжарницата „Или-Или“. Акцијата трае до 8 април“, потсетува Богдановски.
Ивана Смилевска