ДПМ ги соопшти добитниците на награди за 2015 година

Друштвото на писателите на Македонија денеска ги соопшти добитниците на наградите за најдобри книжевни остварувања во 2015 година.

Оливера Николова за книгата „Кадифената покривка“ е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга, а Славе Ѓорго Димоски за збирката „Јазичен триптихон“ ја доби наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга.

Наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга со литературна критика и есеј и припадна на универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска за книгата „Семеен албум“.

Книгата „Златко-Златец“ од Велко Неделковски е наградена со „Ванчо Николески“, што се доделува за најдобра книга за деца, а наградата „Книжевен мост“, за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите во Република Македонија му припадна на поетот од турска националност Јусуф Едип за „Прашинка“, објавена паралелно на турски и на македонски јазик.

За доделувањето на годишните награди на ДПМ решаваа пет жири комисии составени од академици, универзитетски професори, критичари, есеисти и автори од сите жанрови.