Друштвото на писатели на Македонија информира дека рокот за достава на дела на конкурсот за наградата „Мост“ за дела објавени на некој од јазиците на националностите за 2023 година, се продолжува до 1 септември (недела).
„Потсетуваме дека согласно Правилникот за доделување на годишните награди на ДПМ, за секоја од наградите потребно е да се достават најмалку 3 дела за да биде конституирана жири-комисија и наградата да се додели“, стои во соопштението.
За наградата „Мост“ можат да конкурираат прозни дела, збирки поезија, книги за деца и млади, како и книги со книжевна критика и есеистика.
За учество, потребно е до ДПМ да биде доставено делото испечатено на изворниот јазик, како и превод/препев на дел од делото. Конкретно, треба да се достават најмалку 20 страници од делото (за прозни дела), најмалку 10 песни (за дела напишани во стихови), или најмалку 25% од книгата (за книги за деца и млади). Се предлага преводите да претставуваат смисловни целини (расказ, поглавје, есеј, итн.), да бидат извадени од различни делови/циклуси (доколку делото е поделено на делови/циклуси) и да бидат редактирани на македонски јазик.
За наградата мост можат да конкурираат сите активни членови на ДПМ, кои ги имаат подмирено своите членарини во Друштвото.