Драмската секција „Слободно театарче“ веќе 25 години им дава можност на учениците да ги развиваат своите театарски вештини

Веќе 25 години, драмската секција „Слободно театарче“ на средното медицинско училиште „Ѓорче Петров“ во Прилеп на учениците им дава простор и мотивација за да ги покажат своите театарски вештини.

Идејата за основање на драмската секција е на професорката по македонски јазик и литература, Билјана Тинтоска. Таа за Радио МОФ раскажа дека големата љубов кон театарот ѝ било поттик да создаде токму вакво катче.

„Ја основав драмската секција заради големата љубов кон театарот и огромниот интерес на моите тогашни ученици. Тој интерес продолжи до денешни дни. Грев е кога не се поддржува талентот кај децата. Тие знаат да возвратат со љубов и посветеност“, рече Тинтоска и додаде дека за 25 години имаат изиграно околку 30 претстави со нивни оригинални текстови.

„Автор на текстовите е мојата десна рака, координаторот на секцијата и волонтер во неа, а нејзин поранешен член и претседател, Филип Стојаноски. Нашите претстави во најголем број се комедии. Но, со последниве две успешно се покажавме и во доменот на трагедијата“, раскажа Тинтоска.

За тоа како се подготвуваат театарските претстави, Тинтоска ни објасни дека најпрво започнуваат со пишување на текстот, а потоа и со читачките проби.

„Процесот на подготовка на претставата започнува најпрво со пишувањето на текстот, лектурата, па со читање на текстот и делење на улогите. Дел од секоја проба се вежбите за поттикнување на психомоторните вештини на актерите. После 5-6 читачки проби, почнуваме со т.н. мизансцен проби, со движење и интеракција“, вели Тинтоска.

„Сите тешкотии се надминуваат со љубовта кон штиците што живот значат“, дополнува таа.

 

Членовите на драмската секција за Радио МОФ раскажаа дека меѓудругото, „Слободно театарче“ им носи и многу дружби, учење и мотивација.

„Уште од најрана возраст уживав да ги гледам претставите кои нѝ ги овозможуваше училиштето. Но и приватно редовно го посетував театарот со мојата мајка. Главна инспирација за театарот ми беа глумците на самата сцена. Глумците предизвикуваа силни емоции кај мене, од среќа, морничавење, до солзи. Гледав како на таа сцена живеат еден живот. Успеваа да ме допрат преку улогите што ги толкуваа, а потоа откако ќе се поклонеа ги соблекуваа костимите и зад завесата го продолжуваа нивниот приватен  живот“, вели Матеа Стојчевска, која сега е член и заменик претседател на секцијата.

Стојчевска објасни дека со приклучувањето во драмската секција имала можност да ја изрази својата креативност преку толкување различни улоги.

„Силната волја кон уметноста и театарот ме поттикнаа со огромна љубов да ги работам театарските претстави. Претставите бараат соработка со други ученици, што доведува до формирање на многу пријателства и весели дружби“, потенцираше таа и дополни дека секоја театарска претстава со себе им носи и различни предизвици.

Претседателот на „Слободно театарче“, Михаил Јорданоски вели дека најважниот, но и најтешкиот дел од секоја претстава е да се разбере ликот кој треба да се одглуми.

„Процесот на спремање на претстава е секогаш исполнет со среќа и многу радосни моменти“, рече Михаил и додаде дека и во иднина би сакал да се занимава со актерство.

Фото: „Слободно театарче“

Во меѓувреме, Стојчевска вели дека како и сите останати, и таа се соочува со предизвици при подготвувањето на претставите.

Најтешко ми е од една улога да почнам да толкувам друга, бидејќи сите ликови се различни, сите си имаат посебен живот и карактеристики. Тоа го совладувам со многу размислување и анализа на ликовите“, истакна таа.

Инаку, низ Драмската секција „Слободно театарче“ досега поминале повеќе од 100 ученици.

Симона Паскоска