Драмски театар не ја додели наградата „Горан Стефановски“ за драмски текст од млад автор

Драмски театар Скопје информира дека не ја додели наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години – награда за која првпат беше распишан и Конкурс.

Од Драмски велат дека на конкурсот пристигнале четири апликации и Комисијата во состав: Викторија Рангелова-Петровска, (драматург и претседател на Комисијата) и членовите: Жанина Мирчевска (драматург), Венко Андоновски (книжевен теоретичар), Дејан Лилиќ (актер првенец) и Димче Николовски (режисер), по анализа на доставените дела, едногласно одлучила наградата да не се додели.

Во образложението што го прочита претседателката на Комисијата Рангелова-Петровска се вели дека делата се доставени во рок и ги исполнуваат условите согласно конкурсот,  обработуваат и различни теми инспирирани од различни општествени состојби. По формата и структурата драмските текстови во најголем дел се обидувале да ја следат класичната драмска структура и затворената форма, но не успевале до крај да изградат цврста драмска целовитост.

Фото: Драмски театар

„Драмските ликови/карактери не се јасно дефинирани и развиени во однос на ситуациите во кои се поставени. Дијалогот во драмските дела (во некои помалку, во некои повеќе) не е во целосна функција на отсликување на карактерите и не придонесува за развојот на драмското дејство. Комисијата заклучи дека доставените драмски материјали се развиени до ниво на драмски скици/зачетоци, на кои им е потребна доработка за да прераснат во квалитетни драмски текстови. Одлуката да не се додели наградата не треба да се толкува како дестимулативен потег, напротив“, стои во образложението.

Комисијата верува во потенцијалот и квалитетот на младите автори, и нивната способност да испишат квалитетни драмски текстови и со нетрпение ги очекува во периодот кој следи  и во таа насока предлага да се објави нов конкурс со датум на почеток од 28.4.2025 година, на кој авторите ќе треба да ги достават драмските текстови  најдоцна до 1. 2.2026 година.

Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени  на 27.4.2026 година,  денот на раѓањето на Горан Стефановски“.

Директорот на театарот, Роберт Вељановски, истакна дека и покрај недоделувањето на наградата во оваа прва година од востановувањето, целосно стои зад одлуката на комисијата и изрази верба дека преку распишување на конкурсот и во годините пред нас, ќе се популаризира наградата „Горан Стефановски“, и ќе се привлечат многу млади автори да се пријавуваат со цел да се афирмира современата македонска драма, да се поттикне македонското драмско творештво и да се одржи континуитетот на македонското драмско писмо.