Сите љубители на театарот кои на некоја од вечерните претстави во Драмскиот театар ќе дојдат со своите велосипеди, ќе добијат по еден бесплатен билет за претставата која се прикажува таа вечер.
Како што појаснува директорот на Драмскиот театар во Скопје Роберт Вељановски, кој информацијата ја сподели на својот Фејсбук профил, акцијата ќе трае до крајот на ноември. Целта е да се мотивираат граѓаните да ги користат велосипедите како превозно средство, во период кога има зголемено загадување во градот.
Од Драмски најавуваат дека ќе обезбедат место каде посетителите ќе може да ги паркираат своите точаци, додека се на претстава.
За оние пак, кои со велосипед ќе дојдат од друг град, од театарот најавуваат дека ќе им дадат бесплатен билет за сите вечерни претстави до крајот на годината. Од Драмски нагласуваат дека гратис билетите ќе се доделуваат само пред претстава.