Дранго тврди дека не ја убил мечката, туку таа била жртва на сообраќајка

Заменик-директорот на ЈП „Македонија пат“, Сашо Дранго, од кого здружението „Анима Мунди“ денеска објави фотографија со пушка и мртва мечка, вели дека тој не ја застрелал мечката, туку дека таа била жртва на сообраќајна несреќа. Дранго и вработените во „Македонија пат“ само ја тргнале од коловозот на патот Битола-Ресен, по што тој се сликал со неа, тврди функционерот во изјава за Телма.

Иако на фотографијата се гледа дека Дранго носи пушка со снајперски нишан и стои покрај мртвата мечка во снег и среде шума, тој негира дека ја убил додавајќи дека „решавање на случајот ќе бара преку судски процес“. Тој сподели и дека во лов на мечки бил во Финска, од каде имал слични фотографии.

„Сега пред еден месец имав случка и слика со мечка која на патниот правец Битола-Ресен беше усмртена при сообраќајна незгода. Па како вработен во ‘Македонија пат’ бев таму, за што има записник и во полициската станица во Битола и таа мечка ја отстранивме од коловозната лента во месноста ротино-битолско. Станува збор за таа мечка која е на фотографијата“, изјави за Телма Сашо Дранго.

Една од двете фотографии што ги објави „Анима Мунди“

Во Законот за дивечот и ловството, во членот 11 пишува дека мечката како дивеч е под заштита и секое нејзино ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането, додека во членот 14 е наведена трајната забрана за лов на мечки. За отстрел на мечка предвидена е и парична казна од 18.000 евра за мечка постара од две години, додека Кривичниот законик во членот 228 предвидува и затворска казна до три години за ловењето на дивеч под заштита.

„Таа фотографија со сите детали ни ја испратија на нашата електронска пошта. Исто така, ни кажаа дека имало и обид да се пријави, но тоа било скриено дури и од лица кои работат во МВР. Уште пострашен е фактот што се работи за носител на јавна функција-заменик директор. Јас очекувам дека надлежните институции сериозно ќе се занимаваат со ова, добро ќе го истражат ова и тој ќе одговара како што налага Кривичниот законик“, изјави Гизела Бошковска Георгиевска од „Анима Мунди“ за Телма.

Од Основното јавно обвинителство од Битола денеска изјавија дека отвораат предмет за случајот со мечката.

„По објавата по медиумите оформен е предмет и се постапува за да се утврди што точно се случило. Обвинителството ќе се обрати до Здружението ‘Анима мунди’ да ни ги достават нивните материјали како и евентуалните пријави кои ги доставиле до МВР или други државни институции“, изјави за „Независен“ обвинителката Оливера Нечаковска.