„Drim Short“ фестивал на кратки филмови во Струга

„Еден јазик, илјада приказни“ е мотото под кое од 12 до 14 октомври ќе се одржи второто издание на „Drim Short“, фестивал за краток филм во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

Програмата на фестивалот е поделена на национална, регионална и студентска, а оваа година ќе бидат прикажани кратки филмови од повеќе македонски режисери, меѓу кои: „Доаѓаат од центарот на светот“ и „Без љубов“ во режија на Дина Дума; „Мишко“ во режија на Ханис Багашов; „Долорес“ во режија на Радован Петровиќ; „Почеток“ во режија на Агим Абдула; „Црно и бело“ во режија на Сандра Ѓоргиева и повеќе други кратки филмови.

Од регионалната програма ќе бидат прикажани: „O noapte in Tokoriki“ во режија на Роксана Строе; „Pupanje” на Дора Шустиќ; „Tranzicija“ во режија на Милица Томовиќ; „Prima Noapte“ на Андреи Танасе; „Into the Blue“ на Антонета Аламат Кусијановиќ и „Nikog Nema“ од Јелена Гавриловиќ.

„Наша желба и оваа година е да додадеме свежи бои на есенската културна понуда во градот, преку диверзитетна програма на кратки филмови. Ползувајќи ја универзалноста на филмскиот јазик и комуникацијата со публиката, под мотото „Еден јазик, илјада приказни“ сакаме и оваа година да ја доближиме кратката филмска форма до публиката, да ја зајакнеме филмската култура во градот и да придонесеме Струга да стане регионално филмско јадро за филмските уметници од Македонија и регионот“, најавуваат организаторите на фестивалот.