Друштвената игра со карти „Fierce Women – WoW Cards“ проширена и со македонски хероини

Од „Tiiiit Inc“ пренесуваат дека од печат излезе новото проширување на друштвената игра со карти „Fierce Women – Wow cards“ кое е достапно и во Скопје. Промотивниот шпил е испечатен во 2000 примероци, а во шпилот се наоѓаат и македонските хероини Роса Плавева, Накие Бајрам, Искра Грабул, Рајна Алексова, Вера Весковиќ Вангели, Лилјана Дирјан и Мимоза Несторова Томиќ.

Новиот шпил беше создаден како дел од проектот „Жени за Жени / Women on Women (WOW)“, спроведен од страна на четири партнерски организации City of Women (Словенија), Tiiiit! Inc. (С. Македонија), Common Zone (Хрватска), и Outlandish Theater Platform (Ирска).

Проширениот шпил

Инспиративните приказни на „страшни“ жени кои се дел од овој шпил беа преточени во уникатни уметнички дела на 15 авторки и автори, селектирани во рамки на конкурсот на кој аплицираа повеќе од 300 луѓе од цела Европа.

Со составот на шпилот се наоѓаат 30 карти на „страшни“ жени- писателки, феминистки, активистки, уметници, новинарки, борки за женски права.

Со новото проширување, освен со македонски хероини, шпилот беше збогатен и со дејки од Хрватска, Словенија и Ирска.

Па така од Ирска претставени се Кетлин Лин, Кристин Бакли, Мод Делап, Нен Џојс, Естела Соломонс, Нула Офејлен и Лајра Меки. Од Словенија претставени се Зофка Кведер, Алојзија Штеби, Вида Томшиќ, Вита Жупанчиќ, Мара Бештер, Марта Паулин Шмит-Брина, Душана Шантел Канони и Ангела Пискерник. Во шпилот претставени се и хрватските хероини Драгоља Јарневиќ, Винка Булиќ, Ката Пејновиќ, Џузепина Мартинуци, Наста Ројц, Дијана Будисављевиќ, Едита Шуберт и Лидија Скелвицки.

 

Вера Весковиќ – Вангели (десно) и Едита Шуберт (лево) нацртани од Рина Барбариќ