Скандирајќи „Држава што угнетува е држава што силува“, стотици граѓани и активисти за правата на жените денеска маршираа низ Скопје по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената.
„Оваа година маршираме под слоганот Ти не си виновна, поттикнати од еден од најодвратните случаи на родово базирано насилство, Јавна соба, каде стотици жени и девојки беа жртви, а не беше адресирано и именувано како такво. Корените на ова се наоѓаат во родовите стереотипи, вкоренетите родови норми и виктимизацијата, неказнувањето на сексуалните насилници и предатори, и ред други општествени традиции кои мора да се решаваат сеопфатно во сите институции, во училиштата и семејствата. Не познавам жена што не била некава жртва на некаков вид сексуално или родово насилство и вознемирување. Барање изговори за неказнувањето на виновниците мора да заврши. Сегашната и секоја следна влада има обврска да се бори за родовата еднаквост независно од нивната идеолошка определба“, истакна активистката Калиа Димитрова, која денеска маршираше во Скопје.
Маршот тргна од плоштадот Филип Втори, преку Камениот Мост, Плоштад Македонија до Паркот Жена Борец, каде што беше изведен перформанс за поддршка на жените жртви на насилство.
Пред почетокот на маршот, група студенти се собраа пред УКИМ од каде повикаа на почитување на правата на студентките. Тие подоцна се причклучија на главниот марш.
[Фото] Осмомартовскиот марш во Скопје го почнаа студентите од УКИМ
И.С./Ј.Ј.