Од мај годинава, уметничката Розе Мојсовска добила решение дека повеќе нема да добива месечен надомест од 7.000 денари за мобилност. Жената која стана позната во македонската јавност по силната волја со која успеа да го надмине својот телесен хендикеп и почна да црта и пишува со устата, поради немањето пари буквално не може да излезе од Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско“ во Струмица, каде што е сместена од 1976 година.
„Во мај добив решение дека повеќе не ми следува паричен надоместок за мобилност од 7.000 денари. Срамота! А кога треба да одам во град ми кажуват снајди се. Ние не сме должни да те носиме. Неможам сама да се движам. Од градот сум одалечена 15 километри. Не можам сама да излегувам, ми треба помош од друго лице. Не можам да се возам ни со автобус. За да си купам на пр. материјали за сликање или облека и ред други работи, за сето тоа морам сама да се снајдам. Неможам да посетам ни некој музеј или изложба, морам да викнам такси, да најдам друго лице да ми помогне. Ми требаат минимум 100 денари за да одам во град. Од секоја страна сме сардисани. За престојот во Заводот секој месец се плаќа 5.000 денари, што живееме тука. Комуникација со светот нема. Напуштени во село Банско“, вели Мојсовска во интервју за еМагазин.
Таа вели дека државата не ја помага многу нејзината уметност.
„Најмногу помош добивам од Здружението Мобилност на Македонија и Светското здружение на уметници кои цртаат со уста и нозе. Од тоа здружение добивам стипендија да си купувам материјал за работа, и професор кој ќе ме усовршува, за да станам еден ден професионален уметник. Јас секоја година морам да им праќам мои слики, и тие ме оценуваат за моето дело. Сега сум само стипендист. Но се надевам дека еден ден ќе бидам нивни полноправен член што ќе ја представува Македонија Тоа многу тешко оди, бидејќи тешко е да се дојде до тоа место. Станав стипендист во 2004 година. Зачленив уште две деца, кои исто така цртаат со уста. Сега сме тројца од Македонија“, вели Мојсовска.