Државата ќе изработува физибилити студија за чистење на арсенот во Лојане и Табановце

Пред да се избере новиот концесионер што би го исчистил арсенот од Лојане и Табановце, Министерството за економија најпрво ќе мора да изработи физибилити студија за оправданост на доделувањето на нова концесија, постапка која е задолжителен чекор во согласност со одредбите од Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, велат за Мета.мк од Министерството за економија, објави Мета.

„Министерството за економија треба да изработи физибилити студија за оправданост на доделување на концесијата, со која би се определил минималниот износ на надоместокот за доделување на концесијата и други обврски за концесионерот кои би се предвиделе со договорот за концесија“, објаснуваат од ова министерство.

Ваквиот чекор следи откако пролетва Владата на РСМ ја донесе одлуката за едностран раскин на договорот со турската компанија „Калтун Мадденџилик“ за концесијата за експлоатација на арсенот и другите минерални суровини од поранешниот рудник „Лојане“. Во периодот од добивањето на концесијата во август 2014 година до нејзиното одземање пролетва, досегашниот концесионер успеал да исчисти и продаде само 60 тони од вкупно 15.000 тони арсен сулфид, колку што е проценето дека се лоцирани во јаловиштето на некогашниот рудник „Лојане“.

Дополнително, концесионер досега воопшто не е избран за преостанатите 1.000 тони арсен и други отпадни материи што се расфрлани во близина на железничката станица кај Табановце.

Одговори во врска со натамошното оградување и чистење на арсенот од Лојане и Табановце побаравме и од Владата на РСМ. Од централната власт велат дека оградувањето на арсенот не е решение за проблемот, туку рекултивација на просторот.

„Постои физибилити студија од 2007 година, изготвена од познатата чешка компанија „Деконта“ во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, за краткорочна ремедијација на старото јаловиште во Лојане, со цел спречување на ширењето на загадувањето со покривање на јаловиштето (рекултивација), со тогашните цени на пазарот“, посочуваат од Владата на РСМ.

Тогашните проценки биле дека се потребни 2 милиони долари за интервентни краткорочни мерки, а за долгорочна ремедиjација требало да се одвојат 3,6 милиони долари. Сепак, од Владата на РСМ признаваат дека од денешна перспектива, ваквите вредности за справување со арсенот се далеку повисоки со моменталниот пораст на цените.

„Потребна е дополнителна (нова) проценка на потребните финансиски средства“, го објаснуваат од Владата чекорот што ќе треба да следи пред да се изврши рекултивација на загадените површини.

Тие објаснуваат дека ќе мора да се преземат мерки слични на чистењето на линданот во „Охис“, кои покрај рекултивација на загадените површини, треба да опфатат препакување, обезбедување и привремено депонирање на историскиот опасен отпад. Во случајот со линданот во „Охис“, централната власт ја отпочна постапката за негово чистење, при што се искористија странски фондови за деконтаминација на загадената почва.

Според објаснувањето на државните власти, за решавање на проблемот со арсенот во Лојане и Табановце најпрво ќе следи физибилити студија за определување на оправданоста за пронаоѓање нов концесионер, којшто ќе треба да го исчисти опасниот отпад од локацијата. Паралелно со ова, ќе треба да следи процесот за рекултивација на загадените локации, на кои е забележано загадување на почвата и водите.

Инаку, Собранието на РСМ пролетва ги усвои измените и дополнувањата на Законот за животна средина, со кои се уредува постапувањето со контаминираните подрачја во земјава. Со овој чекор, Министерството за животна средина ја подготвува Методологијата за идентификување на контаминираните подрачја, а Владата ќе може да ги прогласи како такви локациите што се жешки еколошки точки низ земјава.

Она што е најголем предизвик во целокупната постапка е активното спроведување на Плановите за управување со контаминираните подрачја, кои ќе подразбираат издвојување на финансии за предвидените активности на терен. Мета.мк пролетва ја контактираше Еко-свест, кои пак велат дека земјата досега немала искуство со прогласување на одредени локации за контаминирани подрачја, и посочија дека едно од можните решенија е ремедијацијата на контаминираните подрачја да се комбинира со енергетската транзиција, односно со изградбата на фотоволтаични централи на локациите кои претходно би се исчистиле од опасниот отпад.

Мета