Агенцијата ќе обезбеди 100 000 микрочипови за обележување на домашните миленици. Тендерот е веќе распишан и постапката е во тек, информираше в.д. директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов. Тендерот ќе ја чини државата 18 милиони денари.
Апликацијата на микрочиповите ќе биде бесплатна, но ќе се наплаќа пасошот за животното, рече Атанасов. Активноста очекува да започне во мај-јуни.
Микрочипот ќе ги содржи информациите за сопственикот на животното и состојбата со примените вакцини.
Атанасов потсети дека е законска обврска секој сопственик на домашен миленик да го микрочипиира и вакцинира против беснило и ги повика сопствениците тоа да го направат масовно. Сопствениците кои нема да ги микрочипираат своите миленици ќе добијат казна од 100 до 150 евра.
„Од 12-16 март Кралското здружение против суровост на животните ќе спроведат мониторинг, односно утврдување на бројна состојба на кучиња скитници. Во оваа акција ќе бидат вклучени претставници од ЗЕЛС. Целта ни е да ги научиме претставниците на ЗЕЛС како се прави тоа и по која методологија при броење на кучиња скитници, за понатаму тие да си го преземат бидејќи оваа надлежност е во надлежност на локалната самоуправа“, истакна Атанасов.
Само во Скопје има околу 6 000 улични кучиња.
Во идниот период, Агенцијата ќе одржи состаноци со општините за да ги потсетат на законските обврски што ги имаат за справувањето со уличните животни.