Државата нема контролен механизам за она што е измерено од индустријата. Во земјава уште одамна постои централна лабораторија, но таа не е акредитирана, досега не се издвоени средства за оваа намена. Поради ова, надлежните немаат можност да ги потврдат податоците од мерењата од операторите. Со тоа, да се санкционираат евентуални загадувачи кои трујат граѓани во најзагадените градови во Европа.
Лабораторија има Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), како дел од Управата за животна средина. Не е акредитирана за ниту една метода согласно меѓународниот стандард за лаборатории ISO17025. Додека не се акредитира, таа е неупотреблива.
Секоја компанија, фабрика што поседува А или Б интегрирана дозвола сама мери колку и дали загадува. Ова го прави ангажирајќи една од неколкуте комерцијални акредитирани лаборатории, како „Фармахем“, „Технолаб“ и „Еуромак контрол“. Дел од нив велат дека резултатите од мерењата се деловна тајна и, согласно сертификатот кој го имаат, се издаваат исклучиво на ангажираниот клиент.
Филип Иванов, поранешен директор на Управата за животна средина, а сега консултант за животна средина, за Радио МОФ веќе потенцираше дека секогаш постојат сомнежи за одредени мерења, или за спрега меѓу инсталацијата и оној што мери.
„Ниедна приватна лабораторија нема да си дозволи да врши супервизија на друга приватна лабораторија. Затоа треба да има централна лабораторија за животна средина. И ја има, којашто не е функционална, а таа треба да ја игра улогата на контролна институција“, нагласи тој.
Исто така, извор што сакаше да остане анонимен, а кој повеќе од една деценија менаџираше голем индустриски А-капацитет, за Радио МОФ рече дека е отворена можност на два начини да се „прилагодуваат“ испустните емисии.
„Акредитираната лабораторија доаѓа да мери најчесто на повик на компанијата. Тоа значи дека тој ден производството се намалува“, рече нашиот извор, нагласувајќи дека втората варијатна е да се поправа измерена вреност и на нејзино место да се впишува друга.
Инспекторите што контактиравме потврдуваат дека неупотребливата централна лабораторија се наоѓа во кругот на Железара.
Таа лабораторија, односно целата зграда на тогажниот РЖ Институт, била земена од Министерството за урбанизам, градежништво и животна средина во 1998/99. Идејата била да биде државна акредитирана и референтна лабораторија, заедно со останатите за кои акредитациите ги издава Институтот за акредитација.
Преку проект во 2006-2007 се отворило можност за акредитација. Биле обучени пет луѓе, но процесот набрзо прекинал, луѓето си заминале, а таа ситуација е останата до денес. Според инспекторите, акредитацијата ќе беше за најфреквентните мерења потребни за инсталациите и емисиите во вода, воздух, отпад итн.
Дали лабораторијата ќе се акредитира е одговорно МЖСПП. Приватни иницијативи има за лаборатории за одредени мерења. Но, на пример, велат инспекторите, опасните фурани и диоксини не ги мери никој. Треба да инвестира 200-300.000 евра за неколку мерења годишно, но не го прави тоа од економска причина, бидејќи парите ќе ги враќа 10-15-20 години.
Не е тајна дека акредитацијата за одредена метода за еден-два параметри од некој медиум, на пример за воздух, побарува и до 50.000 евра. Исто и одреден стручен профил на луѓе и да биде на државно ниво, за да нема сомневање во резултатите и извештаите.
Сегашниот прв човек на Инспекторатот на Град Скопје, Мирослав Богдановски, кој во март 2018 беше заменет од директорската позиција на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), потенцира дека пред заминувањето, сепак, имало оставено средства за акредитирана лабораторија.
„На почетокот, како директор на Државниот инспекторат се соочувавме на бројни проблеми во однос на извршители, заостанати плаќања… Тоа го решивме, обезбедивме плус 10 милиони денари, меѓу другото пари во Буџетот и за изнајмување акредитирана лабораторија. Значи, таа е една од основните алатки на инспекторите. Според мои информации, Државниот инспекторат нема набавено, односно нема распишано тендер со акредитирана лабораторија. Од кои причини – не знам“, рече тој за Радио МОФ.
Нагласи дека можно е да се работи и без акредитирана лабораторија, чисто за индикативни мерења, но не може да има санкции.
ДИЖС завиен во магла: Нема пари за лабораторија, нема активности, а директорот непознат за јавноста
Фејзула Спахија дојде на директорското столче на Државниот инспекторат во март 2018, како дел од политичкиот пазар меѓу коалиционерите СДСМ и ДУИ, кога во пакет беа назначени 27 директори, распоредени низ повеќе институции. Спахија го замени Богдановски, кој пак доаѓа од ДОМ.
Ваквата кадровска политика наиде на незадоволство од повеќе граѓански организации, особено што Богдановски заедно со советникот Дарко Блинков активно почнаа да одржуваат прес-конференции, информираа за активности, за инспекции на терен, беше санкционирана „Дрисла“… Од друга страна, Спахија е непознат за јавноста, иако веќе една година седи во директорска фотелја. Не излегува на прес-конференција. Нема комуникација преку социјалните мрежи со граѓаните, не е ажуриран ниту сајтот на Инспекторатот.
Не продолжи ниту проектот за надзор со дроновите, иако Богдановски потврди дека веќе склучиле договор за снимање повеќе месеци со фирмата „Аерофото“.
На јавноста не и се достапни записници од извршени надзори во капацитетите. Не се знае кој и кога е инспекториран, туку во годишните извештаи се прикажани само голи бројки, пример дека во 2016 година имало 2.387, а во 2017 – 2.451 записници од надзори, за сите области, во цела Македонија. И дека во овие две години имало 0 (нула) пријавени неправилности за работата на инспекторите.
Околу состојбата со лабораториите, од Државниот инспекторат велат дека тие првично ги разгледуваат доставените извештаи од операторите, кои се изготвени согласно условите од интегрираните дозволи издадени и пропишани од Министерството.
„Доколку е се согласно регулативата законска и подзаконска, Инспекторатот ги прифаќа затоа што акредитациите ги дава Институтот за акредитации на РМ, согласно соодветна документација и исполнети услови од апликантите и истиот ги контролира акредитациите. Дали има или нема спрега (меѓу лабораторија и капацитет н.з.) тоа без докази не може да се утврди, како и за се останато. Секое тврдење треба да се докаже“, вели Дарко Блинков од Државниот инспекторат.
Тој потенцира дека МЖСПП и ДИЖС имаат буџети од прва линија, но двете институции имаат и независни буџети. Истото е и со останатите 13 државни инспекторати. За реализација на буџетите и плановите за јавни набавки се одговорни директорите, додека во министерствата – министерите.
„Се додека не се создадат услови за акредитирана државна лабораторија која и ние би ја користеле на комерцијална основа, нема основ да се користат услуги на приватните лаборатории. Затоа што, на јавна набавка би се јавила таа која ќе понуди најниска цена и истата, условно, би мерела кај оператор кај кој може таа веќе врши мерења на комерцијална основа, и би требала сама себеси да си прави споредбени мерења, што е контрапродуктивно“, нагласува Блинков.
Според Блинков, за споредбени мерења е потребен посебен буџет, а не било каков буџет, бидејќи така не би се постигнал саканиот ефект. Во зависност од мерењата, нагласува тој, истите побаруваат големи средства.
ДИЖС нема средства за ангажирање лабораторија, за споредбени мерења, но затоа имаше друг приоритет. Во 2018 издвоија за теренско возило од 1.4 милиони денари, иако сумата ја нема во основниот Буџет на ДИЖС (вкупен 24.7 милиони денари), а е впишана во јавната набавка. Договорот за возилото меѓу ДИЖС, застапуван од Фејзула Спахија и кумановската фирма „Делукс ауто“, застапувана од Стефан Стефановски, е склучен на 27 септември 2018. Се работи за компанијата за која Призма пишуваше откако МВР од неа набави 45 „шкоди“.
Според Хусни Тачи, раководител на Секторот за инспекциски надзор во животната средина, возилото се
користи од директорот и инспекторите кога тие вршат инспекциски надзори во непристапните делови на државата за другите коли кои ги поседува ДИЖС. Исто така, тврди тој, кога се вршат надзори на националните паркови преку државните инспектори за заштита на природата, и по потреба се користи и од државните водостопанските инспектори.
Министерството единствено набави вага
Владата на седница на 13 март 2018 година го задолжи МЖСПП да обезбеди близу 5,5 милиони денари во Буџетите за 2018 и 2019 година, за да се исполнат сите предуслови за акредитација на Централната лабораторија за животна средина и Калибрационата лабораторија на воздухот. Ова е наведено во записник од седницата.
Меѓу другото, Владата го задолжи ресорот на Садула Дураку да измени и Правилник за систематизација за работни места, односно за работници за лабораториите. Средствата требаа да се обезбедат од одобрените максимални износи од расходи, но, доколку е возможно, пари да се најдат и преку Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА).
Сепак, централната лабораторија досега не е акредитирана. Ниту се издвоени потребните пари.
Во документ-Планот за јавни набавки на МЖСПП за 2018, најдовме дека е впишана „Набавка на нови инструменти за Централната лабораторија“ од 635.593 денари. Исто така, набавка на „хемикалии, реагенси и стакларија“ од 562.881 денар, „гасови“ од 125.084 денари, „калибрација инструменти“ од 508.474 денари, потоа „консултанстски услуги и за подготовка и пријава за акредитација“ од 296.610 денари и „услуги за хигиена“ од 254.237 денари.
Сето ова важи за Централната лабораторија. На хартија, тендерските постапки за неа во 2018 изнесувале вкупно 2.382.879 денари. За споредба, ова е помалку од една четвртина од пренаменетите пари од Министерството за референдумот за името (вкупно одземани 10 милиони денари од МЖСПП, меѓу кои, намалени пет милиони од ставката за „купување на опрема и машини“).
Сепак, од сите тие тендерски планови од 2.382.879 денари, МЖСПП набавило единствено една специјална вага. Ова во разговор со Радио МОФ го потврдува и државениот секретар во Министерството, Ана Петровска.
Во поглед на буџетирање, вели таа, знаат дека се потребни некаде повеќе од пет милиони денари за акредитирање на лабораторијата, на приоритетните методи. Меѓутоа тие средства, во тој износ, не ги добиле.
„Сме добивале дел од тие средства. Тогаш е отежнато трошењето на средствата, бидејќи ние, во принцип, треба да направиме целосни затворени постапки. Средствата што ги имаме на располагање се доволни да набавиме хемикалија, реагенси, за да набавиме резервни делови итн. Меѓутоа, не се доволни за да се завршат одредени постапки и дел по дел да ги акредитираме методите“, нагласува Петровска.
Според неа, причината зошто немаат доволно средства се должи и на самиот процес на буџетирање, каде генерално сумите што ги предлагаат до Министерство за финансии секогаш се кратат, а постојат и „одредени усогласувања помеѓу потребите на секторите“.
Решенија за ваквата состојба?
Според Петровска, за акредитирана лабораторија нужни се финансиски средства. Потоа, добро обучени луѓе, добра квалитетна калибрирана опрема, а пред се’, функција што се вика менаџер за квалитет, кој ќе може да планира со сите процеси и потребни надградувања на целото одделение за лабораторијата.
Подобрувањата на овој процес го гледа во две насоки. Прво, поголема проективност од самиот сектор што ги побарува средствата, меѓутоа да се подобри и комуникацијата.
„Да има поголемо разбирање кај луѓето кај мене што се занимаваат со самиот систем на јавни набавки, разбирање за проблематиката и вистинските потреби на овие сектори, кои генерално имаат трошоци за кои е потребен континуитет, а ова е таа лабораторија. Е, сега, за среќа во овој момент вршиме измена на нашиот акт за систематизација. И се залагам, навистина, во рамки на моите можности, дека ќе имаме едно ново работно место – менаџер за квалитет, кој дефинитно мора да биде мотор на процесот“, нагласува таа.
Плановите ги има, тврди Петровска, но мораат да се стават како акт во Министерството. Притоа да имаат предвид дека Македонија е мал пазар, покриен со приватни лаборатории, па како држава генерално би требало да инвестираме прво да ги акредитираме, а потоа и ресертифицираме методите од најголема важност за државата.
„Нашата лабораторија во многу нешта може да ја подобри својата ефикасност за работа доколку направиме меѓурегионална соработка, особено во делот на т.н. ‘proficiency testing’ (тестирања за оспособеност). Меѓународните тела одговорни за спроведување на ‘proficiency testing’ се многу скапи. Но, ако го спуштиме тоа на ниво на регион, и ја реализираме таа соработка, тогаш можеме да ги намалиме и нашите трошоци за одржувањето на акредитацијата“, смета државниот сектретар во МЖСПП.
Бојан Шашевски