Државата од даноци големи пари добива, а малку вложува во животната средина [инфографик]

Институциите собираат даноци за животната средина, кои пак државата и општините премалку ги реинвестираат во заштита на водите, почвата, воздухот, шумите и во управувањето со отпадот. Во земјава во 2021 година биле платени даноци за животна средина во висина од 14.273,4 милиони денари или над 231,7 милиони евра, што е за 13,7 отсто повеќе во споредба со 2020 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), објави Мета.мк.

И покрај тоа што државата собира големи пари од даноците, сепак вложувањата за заштита на животната средина се само половина од она што се собира, според статистичките податоци. Вредноста на трошоците за заштита на животната средина преклани изнесувале 117,5 милиони евра. Во оваа група спаѓаат сите инвестиции и трошоци за заштита на воздухот, постапување со отпадот, управување со отпадните води, заштита на шумите, системите за заштита на водите и заштита на биодиверзитетот и природата.

Статистичките податоци покажуваат дека во 2021 година најголем пораст бележат даноците за енергенти во секторите Транспорт и складирање и Преработувачка индустрија. Ваквото зголемување е резултат на зголемените акцизи на горивата, при што биле собрани вкупно 9.137,7 милиони денари. Со ова, најголемо учество во даноците за животната средина имале даноците за енергенти со 64 отсто.

Во 2021 година, биле платени даноци за транспорт во висина од 4.974,4 милиони денари, што претставува удел од 34,9 отсто од вкупната наплата на даноците за заштита на животна средина. Од друга страна, на државата во делот на даноците за загадување ѝ биле платени 161,2 милиони денари, односно нивниот удел во собраните даноци бил 1,1 отсто.

„Учеството на даноците за животна средина во бруто-домашниот производ во 2021 година е 2 отсто“, стои во статистичкиот извештај Даноци за животна средина, 2021 година.

Наспроти страната на приходите кои ги остварува државата преку собраните даноци за животна средина, податоците на страната она што е инвестирано во нејзината заштита се многу помали. Па така, во 2021 година биле вложени 117,5 милиони евра во инвестиции и трошоци за животната средина, додека една година подоцна, оваа сума пораснала на 127,3 милиони евра.

Непропорционалното распоредување на средствата собрани од даноците на животната средина води кон сериозни проблеми со кои секојдневно се соочува македонското општество. Решавањето на проблемот со загадениот воздух во градовите, недостигот на пречистителни станици за отпадни води, високиот процент на неприходувана вода, неизградбата на регионалните депонии и нерешените жешки еколошки точки кои се десетина низ целата земја постојано се подложни на одложување на реализација, токму поради недостигот на финансиски средства за нивното решавање.

Имено, во Македонија допрва треба да се градат пречистителните станици за отпадни води во Скопје, Тетово и Битола, како и допрва да се инвестира во изведба на регионалните депонии за управување со отпад. Од решавањето на жешките еколошки точки, во моментов единствена е инвестицијата во чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС, а секоја година се повторуваат апелите на екологистите до државата за издвојување на повеќе средства за намалување на аерозагадувањето преку поставување на повеќе мерни станици, субвенции за менување на старите печки за затоплување и на обнова на возниот парк на граѓаните.

Според достапните податоци од веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, буџетот на ова министерство за 2021 година изнесувал вкупно 746.336.000 денари или околу 12,1 милиони евра. Една година подоцна, буџетот на ова министерство тежел 1.363.415.000 денари или околу 22,1 милиони евра. Ова министерство има еден од помалите буџети во извршната власт.

Мета