Папата Франциск и неколку верски водачи потпишаа заеднички апел до владите да се обврзат на амбициозни климатски цели пред претстојната конференција на Обединетите нации за климата во Глазгов, пренесува „Н1“.
За верските водачи, грижата за животната средина е морален императив да се зачува Божјата креација за идните генерации и да се поддржат заедниците кои се најзагрозени од климатските промени.
„Вера и наука апел за КОП26“ е најновата иницијатива пред самитот во Глазгов, за кој експертите велат дека е можност за намалување на емисиите на стакленички гасови.
Минатата недела се одржа младински самит во Милано, а претходно тројца христијански водачи, односно папата Франциск, англиканскиот архиепископ од Кентербери Џастин Велби и духовниот водач на православните христијани, патријархот Вартоломеј испратија сличен апел.
Сега им се придружија водачи на други големи верски заедници што ги претставуваат сунитскиот и шиитскиот ислам, јудаизмот, хиндуизмот, будизмот, таоизмот, џаинизмот, сикизмот и други.