По 30 илјади денари за 300 домашни научно-истражувачки трудови ќе додели министерството за образование и наука оваа година. Конкурс за доделување на средствате ќе биде објавен утре, а ќе важи само за трудовите кои се објавени во меѓународни научни списанија со фактор на влијание.
Како што денеска информираше министерот за образование и наука Спиро Ристовски, конкурсот ќе трае една година од денот на објавувањето и ќе важи за трудови објавени во 2013 година.
Субвенциите според планираното ќе бидат распределени по области, па оттука ќе се делат по 50 субвенции за трудови од природно-математичките науки. техничко-технолошките , медицинските науки и здравството, биотехничките, општествените и хуманистичките науки.
„Секој кандидат дополнително со пријавата треба да поднесе и копија од објавениот научно-истражувачки труд во меѓународно научно списание, копија од страницата на списанието каде е наведен насловот, годината и бројот на списанието, уредувачкиот одбор и издавачот на списанието, како и официјален документ односно потврда за висината на факторот на влијание (импакт факторот, според „Jornal citation report“, „SClmago journal & Country rank“,„ Scopus“…) за меѓународното научно списание за 2012 година“, рече Ристовски кој се надева дека на овој начин македонските научници дополнително ќе се стимулираат за објавување на своите трудови и подобрување на нивото на квалитет на науката во земјава.