Во сабота од 12 часот, 40.000 луѓе ќе чистат на 20 локации во градот. Ова денеска беше соопштено на прес-конференцијата во однос на масовната еколошка акција „Администрацијата чисти со ‘Не биди ѓубре’“.
На прес-конференцијата се обрати Ирена Ристиќ од „Не биди ѓубре“ која вели дека здружението постои година и половина и изрази огромно задоволство за активноста која во ист момент ќе ја спроведат 40 илјади луѓе.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски вели дека изминатите две недели активно се работело на организација на еколошката акција.
„Решивме да се приклучиме на акциите кои ги организира граѓанската иницијатива ‘Не биди ѓубре’, наместо класично да работиме во сабота”, рече министерот Манчевски.
За успешно спроведување на акцијата, вели тој, на секоја од локациите одговорни ќе бидат раководители, односно премиерот, министрите, градоначалници и директори.
„Дополнително, секаде каде што е потребно, обезбедена е и соодветна механизација од претпријатијата на Градот Скопје. До локациите каде што е потребен превоз, истиот е обезбеден од ЈСП, а за сите вклучени во акцијата обезбедена е и соодветна опрема, како ракавици, ќеси (за отпад и пластика), како и маски за одредени локации”, вели Манчевски.
Локациите на кои ќе се одржи акцијата се: Сарај – Треска, Аквадуктот – Каналот, СЦ Борис Трајковски, Кале, Музеј на современа уметност, Касарна Илинден, Јужен Булевар, Бихачка, Државно училиште за физичка култура – М.М Брицо, железничка и автобуска станица, улица Џон Кенеди, Собрание, улица Македонија, МКЦ и МРТВ, касарна Гоце Делчев , ул. Ферид Бајрам, ул. Александар Урдаревски, Европска Очна Болница – Јурија, ул. Индустриска и Кеј на река Вардар.