Со последните две измени на постоечкиот Закон за инспекциски надзор, во декември 2024 година и во јануари 2025 година, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) како и останатите 14 државни инспекторати продолжуваат да функционираат како органи во состав на матичните министерства, објави агенцијата Мета.мк.
Така, ДИЖС продолжува да работи како дел од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), соопштија од ова министерство.
„Тоа значи дека Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), согласно процедура, спогодбено ги презема вработените, движните и недвижни ствари, документацијата, побарувањата и намирувањата на обврските, средствата за работа, како и сите права и обврски кои произлегуваат од склучените договори на инспекциските служби, настанати до денот на влегувањето во сила на овој закон, со што фактички ДИЖС продолжува да работи без својство на правно лице и буџет од прва линија“, велат од МЖСПП.
Од таму појаснуваат дека финансиите ќе се водат како посебна Потпрограма во Буџетот на Министерството, но ДИЖС, односно инспекторите „и понатаму ја имаат самостојноста во водењето на инспекциските постапки“.
Главната активност на Државниот инспекторат за животна средина, согласно регулативата, е да врши надзор над управните акти кои ги издава МЖСПП, А-интегрирани еколошки дозволи и Елаборати, односно да врши надзор над спроведувањето на условите пропишани во истите.
Со инклузијта, велат од МЖСПП, се очекува подобрување на координацијата во имплементацијата на политиките за справување со загадување на животната средина и со отпадот.
Во однос на бројот на државни инспектори, пак, според Министерството, проценката укажува дека за покривање на потребите за инспекторирање во областа животна средина на државно ниво се потребни приближно 40 државни инспектори.
„Министерството за животна средина и просторно планирање со преземањето на ДИЖС ги презема и неговите планови за вработување и унапредување коишто ќе бидат усогласени со плановите за вработување и унапредување на Министерството. Државниот инспекторат во моментот нема одобрени нови вработувања и унапредувања од страна на Министерството за финансии, но се очекува позитивен одзив на надлежните институции во однос на зголемување на бројот на инспекторите“, додаваат од МЖСПП.
Потсетуваат дека сè уште на локално ниво, 50 отсто од општините немаат назначено овластени инспектори за животна средина иако согласно Законот за инспекциски надзор во животната средина, таа обврска требало да ја завршат до крајот на 2022 година.
„Во ‘Програмата на Владата 2024-2028’ предвидено е и формирање на единствено централно инспекциско тело со ингеренции на сите нивоа, надлежно за справување со загадување на животната средина и со отпадот. Ваквата поставеност на инспекцискиот надзор за животна средина треба да овозможи ефикасен и правичен инспекциски надзор над загадувачите на животната средина“, велат од МЖСПП.