Владата на денешната отворена седница уште еднаш едногласно ги прифати предложените реформите на Законот за високо образование кои предвидуваат воведување државен испит за студентите. На седницата беа изнесени и неколку новости околу спроведувањето на реформата која прво ќе стартува како пилот проект.
По владината седница според редовната процедура, предлог -законот ќе биде испратен на гласање во Собранието. Владата пред една недела го усвои предлог-законот за државен испит, во пакет со уште четири други развојни решенија, односно нови закони или измена на постојните
Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, денеска соопшти дека пред да се воведе државен испит на универзитетите, прво ќе стартува како пилот проект и ќе биде воведен пробен државен испит. Тој додаде дека државниот испит ќе се смета за положен со најмалку 60 отсто на позитивни одговори од вкупниот број на предмети.
И покрај тоа што се одржаа два студентски протести на кои илјадници студенти маршираа против воведувањето на државниот испит, и Адеми не се сретна со студентите од „Студентски пленум“, според него дебатите за предлогот биле конструктивни.
„Организиравме дебата на универзитетите, но и дебати со претседателите на студентските парламенти, дебата со СОНК, а се сретнавме и со ректорските управи. Впечатокот е дека дебатите беа конструктивни, добивме конкретни предлози за подобрување на законот и некои од предлозите ги прифативме“, рече Адеми.
Премиерот Никола Груевски истакна дека државниот испит е гаранција за знаење за преодна оценка.
„Државниот испит не е гаранција дека ние сме обезбедиле студентите да станат не знам какви експерти, туку дека имаат знаење за преодна оценка. За жал, ние сме во таа фаза кога се бориме за минимум“, рече премиерот Груевски.
Според овој предлог државниот испит ќе се полага во два дела, првиот по втората академска година, а вториот дел во завршната година од студирањето. Тој ќе важи за студентите кои ќе се запишат во учебната 2015/2016 година.