Сомнителната вода што вчера се вливаше во Вардар, од одводниот канал во населба Гази Баба, го скорна Државниот инспекторат за животна средина. Инспекторите не констатирале проблем кај објектите со А дозвола, чии отпадни води се вливаат во каналот, информираа оттаму.
Од Инспекторатот соопштија дека, кога излегле на терен, вчера околу пладне, констатирале дека водата што истекува има обојување со слабо жолтеникаво-црвенкаста боја која на растојание од 3-4 метри во Вардар се губи. Потоа бил извршен вонреден инспекциски надзор во комплексот Железара, во три правни субјекти кои подлежат на А -Интегрирани еколошки дозволи, кои се во надлежност на Државниот Инспекторат за животна средина и имаат испусти во вода.
Во контролата во правниот субјект „Либерти“ АД Скопје, каде работат погоните Лужилница, Пластификација и Поцинкална, вработените изјавиле дека кај нив нема никакви проблеми и инциденти. Неколку часа претходно, при нивните редовни контроли, во сопствената лабораторија, од излезниот базен 4 земена била вода за испитување и немало отстапување од граничните вредности. На барање на инспекторите примероци биле однесени и во акредитирана лабораторија, каде повторно не бил регистриран проблем.
Во „Макстил“ АД Скопје, било констатирано дека погонот Челичарница не работи, но активен бил погонот Валавница, за дебел лим. И овде вработените изјавие дека при производствениот процес немале никакви проблеми.
„На самата пумпна станица Ј-42 поседуваат континуиран мерач за мерење на проток, температура и PH на водата која оди во колекторот. По барање на Инспекторатот доставени се резултати од континуираниот мерач кои се во граничните вредности. Присутните лица изјавија дека од социјалните мрежи имаат разбрано за обојувањето на водата во река Вардар и веднаш (на 09.04.2020 година) самите зеле проба на вода од пумпна станица Ј-42 и ја доставиле во акредитираната лабораторија –„Техничка контрола“ да извршат целосни анализи согласно А-интегрираната еколошка дозвола, како вонредни анализи, иако редовните анализи се направени на 06.04.2020 година“, се наведува во соопштението од Инспекторатот.
По добивањето на резултатите, им било наложено да ги достават на увид до инспекторатот. Инспекторите направиле вонреден инспекциски надзор во „ЕСМ-Енергетика“, кој е во редовно функционирање за производство на топлинска енергија. Компанијата, додаваат нема континуирано испуштање на отпадни води од работен процес, и немал проблеми со испусот.
Од инспекторатот информираат дека во главниот колектор во индустрискиот комплекс Железара се вливаат многу испусти како: фекални води од сите постоечки компании и фирми во кругот на поранешната фабрика Железара преку посебна фекална канализација; атмосферски води од кровните конструкции од објектите, кои се вливаат дел преку фекалната канализација и дел преку посебната атмосферска канализација; атмосферски води од сливните површини од патиштата и паркинзите преку посебна атмосферска канализација. Во главниот колектор преку канализациони приклучоци се вливаат води и од градската канализација од населбите Бутел, Железара, ПЗУ Ре-Медика и ЈЗО Здравствена станица Железара. Надвор од индустрискиот комплекс по трасата на колекторот кон реката Вардар со канализациони приклучоци се вливаат и води од поодделни фирми и тоа: поранешен објект од Годел-Кожара, Тинекс, Сепарација на Бетон, ЕМУЦ, АСУЦ, приватни фирми, семејни куќи и други корисници. Сите води преку колекторот се испуштаат во реката Вардар.
Фотографиите со обоената вода што се влева во Вардар вчера почнаа да с есподелуваат на социјалните мрежи. Пред седум месеци, во сличен инцидент од поголем обем, беше утврдено дека индустриски отпад што бил испуштен во реката Вардар, e од „Арцелор Митал“(неодамна преземена од „Либерти Хаус Груп“). Компанијата заработи тримесечна забрана за работа. Тогаш ттаму излегоа со соопштение дека сами го пријавиле инцидентот.
[Обновено] ДИЖС: Индустрискиот отпад во Вардар е од „Арцелор Митал“