Државните универзитети со сè помалку дипломирани студенти [Инфографик]

Во 2022 година вкупно 7.483 студенти дипломирале на додипломските студии на македонските високи стручни школи и факултетите, што претставува намалување за 3,5% во споредба со 2021 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, на државните високообразовни институции лани дипломирале 5.026 студенти, на приватните 2.433 студенти, додека на верските факултети дипломирале 24 студенти.

Доколку се направи споредба низ годините, може да се забележи дека бројот на дипломирани студенти е далеку намален од периодот пред една деценија, а ова особено се однесува на државните високообразовни институции. Во споредба со 2012 година бројот на дипломирани студенти на државните факултети е намален за речиси 40%, додека во истиот период дипломираните студенти на приватните факултети се зголемил за 12%.

Од државните универзитети, најголем пад се забележува кај Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, каде од 2012 година бројот на дипломирани студенти е намален за 71%. Значителен пад има и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде бројот е намален за 46%. На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип бројот на дипломирани е намален за 25%, додека единствено зголемување се забележува кај Универзитетот во Тетово, каде бројот на дипломирани студенти е зголемен за 47%.

Повеќе податоци, за дипломираните студенти поединечно на сите државни и приватни високообразовни институции може да погледнете на интерактивниот инфографик кој го подготвивме:

Даниел Евросимоски