Јана Василева е ученичка во дуална паралелка во средното училиште ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ во Охрид. Покрај редовната посетува и практична настава во фабриката „Костал“ каде со помош на ментор ги подобрува своите и знаења и вештини.
Според Јана, практичната настава во областа на производното машинство е предизвик, но и рушење на стереотипи бидејќи, како што вели, оваа професија кај нас се’ уште се смета за машка.
„Мислам дека недостигаат заинтересирани ученици, поради некакви стереоипи кои се поставени од народот, еден стереотип е дека оваа струка е машка, јас потполно не се согласувам со тоа бидејќи познавам многу девојчиња и другарки кои биле спречени, имале огромна желба но биле спречeни од возразните луѓе дека тоа било ‘тешка физичка работа, машка струка и тие не припаѓале тука’“, вели Јана.
Од „Костал“ сметаат дека дуалното образование е одлична можност за учениците кои имаат интерес и потенцијал да ги развијат потребните технички вештини.
„Имаме околу 1.000 вработени а во моментов имаме над 50 деца кои доаѓаат тука на пракаса. Особено не радува фактот што меѓу нив има и 8 девојчиња и трендот на зголемување расте од година во година“, рече Климент Ристоски, тренер – ментор во „Костал“.
Покрај менторот во „Костал“, средношколците имаат и училишен ментор кој е задолжен за поврзување на наставната материја со она што им е потребно на компаниите.
„Можам да кажам дека главниот акцент го имаат компанските ментори кои за таа цел спореведуваат и одредени обуки а ние како училишни ментори имаме задача да извршиме еден вид спојување на она што се изучува во училиштето, по теоретските предмети и практичните вежби со тоа што е основна потреба на самите компании“, изјави Љупчо Малески, професор во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.
На овој начин на учениците им се олеснува процесот на полесно учење но и адаптација во компаниите.
Симона Паскоска, Мартин Колоски, Кире Мирчовски