Ива Дамјановски и Виктор Танасковски алијас „Алембик“ конечно го објавија својот истоимен деби албум. На музичкото парче се наоѓаат 11 теми.
„Алембик“ често ќе каже дека нивната музика е обид за спој и реобмислување на различни музички жанрови, користејќи експериментални и атипични начини на произведување звук преку (алхемиска) игра со музичките елементи. Оттука е и идејата позади името.
Виктор во „Алембик“ обично е задолжен за електричниот и акустичен гитарски инструментариум, за мандола и вокал, додека Ива за клавијатури, уникатниот теремин и вокал. Виктор луѓе го знаат како музичар од бендот „Minstrel’s Gallery“, а Ива е музичарка-поетеса што во 2020 за книгата „Двоумење“ ја доби наградата „Браќа Миладиновци“. Токму поезијата наоѓа голем удел во „Алембик“. Се провлекува низ целиот албум.
Во интервју со Радио МОФ тие нагласија дека стартувале спонтано, без идеја дека делата ќе прераснат во албум. Едноставно, заедно почнале да прават музика, а потоа полека се изградил концептот за судирот и синтезата на природата и технологијата.
„Приказната се случи со ‘Алба Верде’ (Alba Verde), првата трака. На некој начин, се сврза албумот да почне со ‘зелената зора’ и да заврши со ‘Curfew Sunset’. Долго време немавме видено зајдисонце поради полицискиот час што се случуваше пред зајдисонце, во лето. И во суштина, го направивме многу стихијно, работејќи на сите музички идеи. Сите оние експерименти и музички идеи што сме сакале да ги пробаме – ги пробавме во албумот. Тоа резултираше со албум што има толку жанрови колку што има песни. А, приказната околу технологијата и природата, некако се согласивме дека тоа е релевантен конфликт и го приметивме низ нашиот музички процес“, посочи Ива во интервјуто.
[Интервју] „Алембик“: Синтеза меѓу природата и технологијата