Дури 60% од произведената вода се губи, Скопје троши најмногу, а во Кочани е најскапа

Македонија годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење. Скоро половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба, а кај најголем дел од нив и загубата на вода е поголема од 40%. Ова го покажува новото истражување на водата за пиење на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), коe открива дека во Македонија има 67 снабдувачи на вода и секој наплаќа различна цена за својата услуга. 

Според истражувањето, најниска цена за потрошената вода во домаќинствата плаќаат жителите на Боговиње, 7,5 денари за потрошен кубик, а највисока цена во Кочани – дури 48,79 денари за кубик или 6,5 пати повеќе. Додека пак, просечната цена на кубик вода за пиење во земјава е 27,49 денари.

Извор: Истражување на водата за пиење / ЦГК

Најголемиот дел од снабдувачите на вода имаат различни цени за домаќинствата и за правните лица, односно фирми и институции. Па така, за правните лица цената за кубик вода е најниска за потрошувачите во Желино и изнесува 13 денари, додека убедливо најскапа е во скопските фирми со 68,10 денари. Во Тетово фирмите плаќаат по 25 денари, а во Делчево, Берово, Старо Нагоричане и Велес минимално помалку од Скопје.

„Овие потрошувачи просечно плаќаат по 45 денари за кубик вода за пиење, што е дури 65% повеќе од домаќинствата“, се вели во истражувањето.

Инаку, во земјава има вкупно 667.076 регистрирани потрошувачи кои се домаќинства и 41.632 правни лица. Најмногу регистрирани домаќинства или 271.000 има во Скопје, а со над 30.000 се Битола, Охрид и Куманово. Во Скопје има и најмногу фирми и институции, односно 10.000 правни лица потрошувачи на вода за пиење.

Извор: Истражување на водата за пиење / ЦГК

Просечната месечна потрошувачка на вода за домаќинствата изнесува 12,02 кубни метри вода, додека кај фирмите потрошувачката е скоро тројно поголема, односно 35,37 кубни метри вода. Поточно, како што стои во истражувањето, фирмите просечно трошат 194% повеќе вода отколку домаќинствата.

Во просек најмалку вода месечно трошат домаќинствата во Старо Нагоричане или само по 2,4 кубици, а со мала потрошувачка, пониска од 7 кубици месечно се и Ранковце, Охрид, Чашка и Карбинци.

Од друга страна, Маврово и Теарце се издвојуваат како најголеми потрошувачи, по 70 кубици месечно, како и Боговиње со 40 кубици. Сите други домаќинства во Македонија просечно трошат по помалку од 25 кубици вода во месецот.

„Кога станува збор за правните лица, најмала е потрошувачката во Старо Нагоричане со само 1,6 кубици месечно. Ниска е и во Кривогаштани, Демир Хисар, Зелениково и Ново Село со помалку од 10 кубици. Најмногу вода за пиење месечно трошат фирмите во Демир Капија или 142 кубици, а со над 90 се фирмите во Илинден, Скопје, Маврово и Велес“, појаснува истражувачите.

Забележано е дека од големите градови (над 40 илјади жители), водата е најевтина во Тетово. Во 9 од 11 големи градови таа се движи од 29 до 39 денари за кубик, а исклучок се Тетово и Гостивар, каде изнесува околу 16 денари за кубик.

Извор: Истражување на водата за пиење / ЦГК

Понатаму, од Центарот за граѓански комуникации посочуваат дека постојат големи разлики меѓу големите градови ако се споредат бројот на жители со бројот на регистрирани домаќинства. Најмногу регистрирани потрошувачи на вода во однос на жители има во Прилеп и во Скопје. Во Прилеп, соодносот е 1,6 жители на едно регистрирано потрошувачко домаќинство, а во Скопје 1,9. Спротивно на ова, во другата крајност се Тетово каде на 4,8 жители има по едно регистрирано потрошувачко домаќинство и Струмица со 3,7 жители на едно домаќинство.

Дополнително, истражувањето покажува дека од вкупното годишно производство, 245 милиони кубни метри вода, се губат околу 60% или 146 милиони кубни метри вода. Најмногу од нив се губат во Скопје, дури 63 милиони кубни метри годишно или 43% од целата загубена вода во државата.

Гостивар губи скоро 9 милиони, Тетово 7 милиони, Кичево повеќе од 6 милиони, а Охрид 5,8 милиони кубни метри вода годишно. Додека пак, со најмали апсолутни загуби на вода за пиење се Могила, Желино, Чашка, Конче и Старо Нагоричане.

„Три претпријатија одговориле дека не водат евиденција колку вода произведуваат. Тоа се Брвеница, Лозово и Ценатар Жупа. Интересно е што Лозово, иако нема евиденција за произведена вода, знае дека губи 60% од неа“, стои во истражувањето.

Извор: Истражување на водата за пиење / ЦГК

Меѓудругото, од истражувањето произлезе и дека скоро половина од водните претпријатија се во финансиска загуба. Односно, 44% од 67 снабдувачи лани оствариле негативен финансиски резултат од работењето.