Со осум концертни настапи и два документарни филмови, од 6 до 9 јуни во Националната опера и балет, Младинскиот културен центар и Кинотека на Македонија ќе се одржи дваесет и третото издание на традиционалниот Офф-фест. Според организаторите на фестивалот оваа година програмата е силна, свежа и географски разнобојна.
„Офф-фест 2024 ќе го отворат две големи имиња на африканската музика: BOMBINO, еден од најзначајните претставници на прославениот ‘пустински блуз’, и јужноафриканските ѕвезди BCUC, познати по својот афро-психоделичен транс и импресивните настапи во живо. Вкусниот микс од меланезиски, индиски, африкански влијанија и европски фолк со елементи на импровизирана музика на холандскиот секстет BOI AKIH, во комбинација со оригиналниот и моќен звук на француско-етиописката супер-група KUTU, ветува беспрекорно фестивалско доживување. VICENTE AMIGO се смета за наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист Paco de Lucia. Со две Греми награди зад себе, придружуван од музичари од највисока класа, тој ќе го претстави своето фасцинантно творештво, коешто му донесе светска слава и придонесе неговото име да се стане референца за фламенко гитарата денес“, велат организаторите и додаваат дека последната вечер на Офф-фест ќе биде во знакот на три извонредни европски состави и тоа полскиот гудачки квинтет VOŁOSI, домашната нео-фолк група KALATA, и српскиот world music колектив NAKED.
Во рамките на предфестивалската „програма плус“ ќе бидат премиерно прикажани и документарните филмови „Cesaria Evora” и „Agadez, the Music and the Rebellion“.
Билетите за 23. ОФФ-Фест се веќе пуштени во продажба на билетарницата на НОБ, како и онлајн преку MKTICKETS.
Сите информации околу фестивалската програма, артистите и билетите се достапни на свежо ажурираната и редизајнирана веб-страница на фестивалот.