На годинешната Интернационална олимпијада по информатика во Азербејџан, светски годишен натпревар од областа на програмирањето за средношколци, двајца македонски ученици освоија бронзени медали.
Во конкуренција од 327 ученици од 88 земји од светот, учениците Андреј Величковски и Андреј Шеќеров успеаја да ги запишат своите имиња на листата со учесници кои остварија најдобри постигнувања на годинешната олимпијада.
Покрај нив, македонскиот тим кој престојуваше во Баку во периодот од 4 до 11 август го сочинуваа и учениците Мартин Динев и Благојче Павлески.
Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, Миле Јованов, по трети пат по ред беше избран како еден од петте членови на Интернационалниот комитет, кое е врвно управувачко тело на олимпијадата, во следните три години.
„Радосен сум од успехот на нашите ученици, кои се вистински амбасадори на нашата земја“, рече тој.
Четворицата ученици, предводени од нивните ментори, покрај државната, добија и поддршка од бизнис секторот, компаниите „Сорксис“, „Семос едукација“, „Нетцетера“, „Грабит“, „Докстим“, Агенција за млади и спорт.
Од „Сорксис“, во соопштение до медиумите велат дека во периодот што следи, меѓу другото, во рамки на планот за стимулација на знаењето на учениците во делот на информатичко – компјутерската стручност и постигнувањето образовни успеси е предвидена и материјална поддршка за учество на младите информатичари од земјата на олимпијадата и во следните календарски години.
Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија има резултати со кои може да се пофалат релативно мал број од земјите – учеснички на ИОИ: освоени 2 сребрени и 18 бронзени медали.
ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата.