Двајца руски државјани се приведени во САД откако со мал брод пристигнале на островот Свети Лоренс на Алјаска, јавува Би-Би-Си.
Според двајцата американски сенатори кои ја претставуваат државата, мажите стигнале на плажа во селото Гамбел и побарале азил во земјата. Портпаролот на Одделот за домашна безбедност (ДХС) рече дека барањето за азил на двајцата Руси во моментов се обработува. Илјадници луѓе ја напуштија Русија за да избегнат да бидат регрутирани за војната во Украина.
Гамбел е дом на помалку од 500 постојани жители и се наоѓа на северозападниот рт на островот Свети Лоренс. Островот се наоѓа на околу 56 километри од рускиот полуостров Чукчи, што значи дека е поблиску до Русија отколку до копното на Алјаска. Според локалните медиуми, жителите на Гамбел преку морето можат да ја видат руската област Сибир.
Локален градски службеник за телевизијата „КТУУ“ изјавил дека мажите отпловиле таму од градот Егвекинот во североисточна Русија, патувајќи 480 километри по море.
ДХС соопшти дека мажите дошле на брегот „со мал брод во вторникот“ и биле пренесени во Енкориџ, најголемиот град на Алјаска на „проверка и скрининг“.
Гувернерот на Алјаска Мајк Данливи на прес-конференција изјави дека нивното пристигнување „било изненадување“.
„Не очекувамe постојан прилив на поединци. Немаме индикации дека тоа ќе се случи, така што ова може да биде еднократно“, додаде тој.