Двајца повозрасни граѓани утрово физички се пресметаа во автобусот со број 24, кој патува од Тафталиџе кон Кисела Вода. Новинарката на Радио МОФ, која случајно се затекна во автобусот, сведочеше на тепачка помеѓу пензионерите, кои со боксови се пресметаа заради тоа што едниот го подбутнал другиот, во намера да влезе прв во автобусот.
Тепачката се случи на автобуската станица кај Зелено пазарче и во неа се замешаа и неколку помлади момчиња, кои ги разделија пензионерите и им се заканија да се смират, за да не се вклучат и тие во тепачката.
Вторник и петок, деновите кога е бесплатен превозот за пензионерите, станаа вистински кошмар за одење на работа, велат граѓаните. Гужвите, буткањата и некултурното однесување кое го демонстрираат дел од граѓаните, за редовните корисници на градскиот превоз, стануваат секојдневие.
„Понекогаш автобусот не може да тргне од станицата, затоа што е преполн со луѓе. Ова е хаос а не е безбедно ни за сообраќајот во автобус кој собира 50-тина луѓе да се буткаат да влезат 150 луѓе“, вели една револтирана патничка за Радио МОФ.
Од ЈСП велат дека тие немаат друг начин да се справат со турканиците во автобусите, освен да пуштат дополнителни линии.
„Ние кога ќе видиме дека има гужва, пуштаме дополнителни автобуси. Друго не можеме ништо да направиме, не можеме на никого да му кажеме колку пати да се вози во вторник и петок“, вели портпаролката на ЈСП, Билјана Јанкуловска за Радио МОФ.
Советот на Град Скопје пред две години, донесе одлука мажите со наполнети 64 години и жените со 62 години, да се возат бесплатно секој вторник и петок, доколку се идентификуваат кај возачот на автобусот со лична карта.
Кристина Озимец