Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“ денеска соопшти дека во поширокиот избор за истоимената награда се избрани 12 стихозбирки.
Жири-комисијата во состав на претседателката Весна Мојсова Чепишевска и членовите Атина Цветаноска и Жорж Поповски ги изводи поетските збирки „(Ре)инкарнација“ под шифра „Magna Mater“, „50 испеани приказни“ на Александар Русјаков, „Царски рез“ на Ирена Павлова де Одорико, „(не)ПРИПИТОМЕНА“ на Елизабета Дончевска Лушин , „До дното“ на Коста Бојчески, „Монолог на пирејот“ на Љубинка Донева, „Болопадание“ на Милена Сиљаноска, „сновиденија“ на Кирил Ангелов, „Координати на болката“ на Александра Спасеска, „Невидлива е војната“ на Стела (Маја) Босилковска , „А што да речам“ на Томе Липовски и „Петна“ на Ѓорги Калајџиев.
„Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски АНТЕВО ПЕРО, како организатор на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, изразува голема и искрена благодарност до сите учесници што се одзваа на Конкурсот за шестото доделување на наградата „Антево перо“, за најдобра необјавена стихозбирка на македонски јазик. Оваа година, на Конкурсот пристигнаа 73 поетски збирки кои имаат најразличен поетски израз, квалитети и трендовска и жанровска разноликост, од автори од Северна Македонија, Италија и Австралија“, соопштија оттаму.
Дополнително, од „Антево перо“ велат дека како и минатите години и оваа година жири-комисијата со одвоила простор и за младите автори, коишто зедоа учество на конкурсот.
„Во поширок избор за наградата ‘Антев часовник’, која се доделува на млад автор за поетско творештво на македонски јазик со забележителни поетски квалитети, жири-комисијата издвои 5 збирки поезија и тоа Матеја Талеска – ‘Улица на соништата’, Ана Ѓорчевска – ‘Копнеж по тебе’, Емануела Ковачевска Китановска – ‘Второ детство’, Светла Јакшиќ – ‘Ноќен суфлер’ и Александра Атанасова – ‘Душебол’. И во овој случај, редоследот на номинираните нема вредносно значење“, велат од „Антево перо“.
Од здружението најавија дека на следното заседание, комисијата ќе го стесни изборот за наградите за што соопштат повеќе детали.