Бидејќи читањето е право, а не привилегија, па така и нашата мисија е јасна! Книгите треба да бидат достапни за сите. Оваа иницијатива е чекор поблизу до свет во кој секој читател, без разлика на предизвиците, може да ја почувствува моќта на раскажаните приказни, велат од „Антолог“, кои донираа две дела на Брајово писмо во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.
Од „Антолог“ објаснуваат, како дел од нивната инклузивна програма, неодамна двата наслови беа издадени од нивната едиција „Бранови“, кои сега се достапни на Брајово писмо.
„Книгите се комплетно адаптирани за лица со оштетен вид, во формат на кој најмногу им одговара. Се одлучивме да одбереме книги кои ќе одговараат за деца на повеќе возрасти, па така ги избравме насловите ‘Чекорите до црешовото дрво’ од Паола Перети, која е авторка со оштетен вид, и едно од делата на новиот Гинисов рекордер Елој Морено – ‘Невидлив’“, објаснуваат од „Антолог“.
По донацијата во Библиотеката, од таму посочуваат дека „Невидлив“ е мошне популарна книга за деца, но и за возрасни, приказна што гласно и јасно зборува и за другата страна на насилството.
„Им благодариме на Антологџии за изданијата на Брајово писамо донирани за нашето катче за лица со оштетен вид што наскоро ќе биде и официјално отворено. Книгата не е привилегија, туку основно човеково право!“, велат од библиотеката.
Оваа иницијатива е дел од проектот „Создадено во Европа“, а целта на Антолог е да ја ја направи книжевноста достапна за сите и да поттикне рамноправен пристап до културните содржини.
Изданијата од „Чекорите до црешовото дрво“ и „Невидлив“ на Брајово писмо не се достапни за продажба. Тие може да се најдат исклучиво во институциите каде што се донирани – Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје, Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.