Младите и младинските организации не се приоритет на државните институции, со оглед на тоа што две години по донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, голем дел од предвидените механизми за младинско учество и сервиси за млади сè уште не се имплементирани. Исто така, Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) реагира дека за дел од нив се изминати и законските рокови.
Популарно наречениот Закон за млади од институциите во 2020 година беше најавуван како алатка што ќе обезбеди поквалитетни политики за млади на сите нивоа. Ќе го зајакне учеството на младите, ќе поттикнува волонтерство, младинскиот активизам и младинската работа, како и личен, професионален и социјален развој кај младите.
Сепак, наодите на НМСМ покажуваат различна реалност од таквите замисли, барем досега.
Во својата анализа, две години по донесувањето на Законот, НМСМ забележува разлика како тој се имплементира на национално и општинско ниво, со тоа што општините покажуваат мал интерес за своите законски обврски.
„На пример, имаме идентификувано процентуална бројка – само 13% од сите општини имаат формирано Локален младински совет, Канцеларија за млади или Младински центар, ама за разлика од тоа скоро 69% имаат именувано службеник за млади. Ова покажува дека општините се наклонети да ги имплементираат поедноставните законски обврски. Односно именување службеник за млади, што значи само именување на веќе вработено лице, за разлика од поголемо вложување во механизми и сервиси за млади“, вели Филип Кулаков од НМСМ.
Радио МОФ во февруари веќе пишуваше – службениците за млади требаа да бидат „мостот“ меѓу младите и институциите, но тој „мост“ го нема во бројни општини. Исто така, работните обврски не им се точно дефинирани, а за законот важи фамозната оценка „регулатива на хартија има, но не се применува во целост’“.
Службеник за млади – „мостот“ меѓу младите и институциите кој не постои во бројни општини
НМСМ сега дополнително анализира дека не е донесена Националната стратегија за млади, чиј рок беше јули 2021 година. Рокот е поминат, но Стратегијата сè уште недостасува.
„Раположливите податоци од Агенцијата за млади и спорт ни посочуваат дека во декември 2021 имаат објавено повик за истражување за младински трендови, кое треба да биде основа за новата Национална стратегија. Истата треба да ја очекуваме во 2022 година“, посочува Кулаков од НМСМ.
Законот предвидува во рамки на Агенцијата да се формира и Истражувачки центар за теми поврзани со младите. Рокот за овој центар исто така е истечен.
„Ова беше дискутирано и со претставници од Агенцијата. Тие посочија дека е поднесено барање за реструктурирање на вработените во Агенцијата и чекаат тоа да се одобри. Затоа е доцнењето“, вели Кулаков.
Од аспект на имплементацијата на механизмите за младинско учество, во Законот е предвидено формирање Локални младински совети. Податоците на НМСМ велат: само 10 општини има ваков Совет. Дополнително, општините не ни сфаќаат дека е донесен овој закон, а за локални младински совет ги перцепираат оние што биле формирани уште претходно, пред Законот.
„Дополнително, во однос на локалните стратегии за млади, таа е донесена само во 11, односно 14% од општините. А, само шест општини имаат изготвено Акциски план за ваква стратегија“, нагласува претставникот од НМСМ.
Долго време во јавноста се зборуваше и за Канцелариите за млади, кои станаа реалност во само во 11 општини, додека Младински центри – во осум од општините.
„Согласно стандардите за квалитет на Агенцијата за млади и спорт, единствено три младински центри ги исполнуваат условите – Кавадарци, Куманово и Охрид. Голем дел од општините претходно, пред донесувањето на Законот, со донаторска поддршка имаат формирано различни младински центри, но во следниот период е потребно тие да ги адаптираат според одредбите и стандардите“, потенцира Кулаков.
Општините да обезбедат младински центри – апели да не чекаат краен рок
Според НМСМ, во самиот закон има нејаснотии околу тоа која надлежност му припаѓа на кој чинител. Па, оттука, самото тоа придонесува кон задоцнето имплементирање, неадекватно имплементирање или неимплементирање на дел од законските одредби.
„Препорачуваме, итна имплементација на одредбите во Законот за младинско учество и младински политики, особено на општинско ниво. Свикување и спроведување надзорна расправа за имплементација на Законот во Собранието. Понатаму, креирање механизми за надзор на спроведувањето на законот на централно и општинско ниво, но и професионализација на Службениците за млади со цел тие конкретно да се запознаат со своите надлежности и обврски, и притоа да се обезбеди стабилност на позицијава, а не нејзино ротирање помеѓу вработените во институцијата, односно општината“, вели Кулаков.
Како препорака на НМСМ и е креирање и имплементација на програми за јакнење на капацитетите на претставниците на Локалните младински совети и младинските службеници.
„Креирање прирачници за административните процедури за воспоставување и управување со механизмите и службите во надлежност на Единиците на локалната самоуправа. Отворање јавни расправи за измена на Законот за и унапредување на законскиот текст, базирано на научените лекции од последните две години. Исто така, воведување посебна буџетска ставка за млади во рамките на буџетите на општините и државните институции, со цел транспарентност и отчетност кон младите во поглед на тоа како се трошат и дали навистина се одвоени средствата што се дефинирани во законот“, посочува претставникот од НМСМ.
Бојан Шашевски