Независниот Театар „Златен Елец“ од Скопје оваа недела во социјалниот центар „Дуња“ ќе прослави две години постоење.
Роденденската ноќ ќе започне во 18 часот со изведбата на Бобан Алексоски и „Дневникот на лудиот 1“, а потоа „One wo/man comedy show“, по што ќе се одржи Jem Session.
Театарот неделава го почна годинашниот репертоар со Надица Петрова со „Која сум јас“ или One wo/man comedy show во Балет – Скопје, Гевгелија и Богданци, додека Алексоски во петок на 18.02 ја игра „Човекојадство“, вториот дел од монодрамата „Дневникот на лудиот“.
„Нашиот развој е поткрепен од многумина уметници со кои досега соработувавме, многу работи се случија за две години, продолжуваме мотиварано и понатаму. Театарот ќе се развива се додека постои, а токму тој развој е клучен за независната сцена“, велат од „Златен Елец“, од каде информираат дека репризите на сите претстави ќе се одвиваат во текот на целата година во Скопје и низ државата.
Инаку, Театар „Златен Елец“ започна со работа во месец февруари 2020 година, основан од актерите Бобан Алексоски и Надица Петрова, како и неколку членови.
„Не ми го чепкај пивото!“, „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“, „Дневникот на лудиот“, „Човекојадство“, „Чувари на планетата“, „Која сум јас“, „Новогодишна авантура“… се премиерите што се случија овие години.
Од Театарот најавуваат дека во следниот период следуваат премиери на неколку претстави, како и меѓународен театарски фестивал во Бурса, Турција на 21 март со претставата „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ во режија на Ана Батева која на втори март може да се погледне во МКЦ Скопје.