Основниот кривичен суд Скопје одреди две години затвор за лицето Ф.Г. од Скопје кое во мај минатата година во Скопје го нападна активистот за човекови права претседател на Здружението „ЛГБТИ Јунајтед“, Беким Асани.
Според Судот, обвинетиот го нападнал Асани од омраза поради неговата сексуална ориентација и припадност кон ЛГБТ заедницата. Нападот се случил лани на улица „Битпазарска“ на плоштадот „Скендербег“ во Скопје за време на протестите за 11-годишното девојче кое беше силувано во Приштина.
„Во еден момент обвинетиот му се приближил и почнал да го навредува поради неговата сексуална определба, а потоа физички го нападнал удирајќи го со клоци и тупаници во пределот на главата и телото, нанесувајќи му телесна повреда изразена во вид на набијна повреда во пределот на главата и набијна повреда во пределот на слабинската регија“, се наведува во пресудата, соопштуваат од „ЛГБТИ Јунајтед“.
Aсани на својот Фејсбук профил сподели дека одлуката на Судот има намера да стави крај на досегашна практика на неказнивост на сторителите на кривични дела од омраза врз членовите на малцинските заедници.
„Со ова се праќа јасна порака дека овие кривични дела ќе се гонат и казнуваат построго од другите со цел да се спречи и обесхрабри нивно повторување, како и за да се обезбеди правна и институционална заштита на малцинствата“, напиша тој.
Обвинетиот моментално не е достапен на органите на прогон.
Активистот Асани лани во септември ги повика надлежните институции да постапат кон идентификување на одговорните сторители за неколкуте физички напади што му беа извршени. Во декември минатата година, Основниот суд во Струмица го осуди лицето А.М. од Струмица на казна затвор од 6 месеци за извршеното насилство од омраза.