Парадата на гордоста е откажана во Осло, откако полицијата информираше дека осомничениот пукал во геј бар, пренесува „Гардијан“.
Две лица се убиени, а 21 лице е повредено во три последователни пукања во Осло, од кои еден од нападите е во геј бар. Поради нападите, сите настани во рамки на Парадата на гордоста се откажани.
Властите од Осло велат дека осомничен е четириесетидвегодишен Норвежанец со иранско потекло, кој од претходно ѝ е познат на полицијата. Осомничениот е уапсен неколку минути по пукањата, а се верува дека тој е единствениот сторител.
Моментално, тој е осомничен за убиство, обид за убиство и терористички акти.
Државниот обвинител, Кристијан Хатло, изјави дека 10 лица се сериозно повредени во нападите, додека 11 имаат полесни повреди. Конфискувани се пиштол и автоматска пушка.
„Има причина да се мисли дека се работи за злосторство од омраза. Тоа е една од хипотезите“, посочи Хатло.
Од полицијата истакнале дека истражуваат дали целта на осомничениот била Парадата на гордоста, или пак тој имал и други мотиви. Нападите истовремено се истражуваат и како „тероризам“.
Првите пријави за нападите биле добиени во 1 часот по полноќ, од пабот „Лондон“ кој важи за популарен кај локалната ЛГБТИ+ заедница, а пријави за нападите пристигнале и од џез барот „Хер Нилсен“ и ресторан во близина.
Организаторите на Парадата на Гордоста го откажале протестниот марш во Осло, како и сите настани поврзани со Парадата, откако добиле „насоки и совети“ од полицијата.
„Засега ќе ги следиме насоките од полицијата и ќе се грижиме еден за друг. Испраќаме желби за побрзо опоравување до сите повредени. Наскоро пак ќе бидеме гласни и видливи, но денеска ќе ја славиме гордоста во нашите домови“, напишале организаторите во своето соопштение.
Норвешкиот премиер, Јонас Гар Шторе, изјавил дека пукањата „се ужасни и шокирачки напади врз невини луѓе“, додавајќи дека мотивот зад нив сè уште не е јасен.
„Сè уште не знаеме што се крие зад овој ужасен чин. Но, на квир луѓето кои се плашат и тагуваат, сакам да им кажам дека стоиме заедно со вас“, нагласил тој.