Битолскиот театар вечерва ќе настапи пред скопската публика од 20 часот во Македонската опера и балет изведувајќи ја најновата претстава – „Но(е)ва Македонија“ која премиерно ја изведе во јули, во режија на гостинот од Србија, Кокан Младеновиќ.
Авторскиот проект „Но(е)ва Македонија“ е ангажирана општествена сатира чија цел е да ги истражи механизамите на политичката грандоманија, манипулација, злоупотребата на историските документи и фалсификување на историските факти, што се во интерес на одредена група луѓе.
На МОТ вечерва ќе се изведуваат и „Прва алтруистична претстава“ – соло-проект на Марко Булц од Љубљана (МКЦ, сала „25 Мај“ од 21 часот) и британската „Пасија по Биби“ во режија и изведба на Петар Милошевски (Кино Култура од 22.30 часот).
„Првата алтруистична претстава“ произлегла од фрустрацијата на Булц и незадоволството со повеќе авторски проекти (вклучувајќи ги и своите), што се некажани, неправедни и од слични ситуации каде што другите се експлоатираат за себепромоција и си го јакнат уметничкото его.
„Пасија по Биби“, пак, е претстава за секс-робот. – Луѓето ја изгубија идејата за несебично да го понудат своето тело. Затоа ја измисливме иднината на сексот… Без разлика на вашата сексуалност или пол, со Биби покрај вас, никогаш повеќе нема да се чувствувате неисполнети, пишува во највата за соло-проектот на Милошевски.
На премиерата на годинашниот „Camden Fringe Festival“ во Лондон „Пасија по Биби“ беше селектирана во топ 10 претстави според Time Out London и London’s Evening Standard.