На Конкурост за финансирање проекти за организирање домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер за 2017 година се пријавиле два подноситела за организирање на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, соопшти Агенцијата за филм на Република Македонија.
Како што се вели во дописот, едниот подносител е Друштвото на филмските работници на Македонија, а вториот подносител е новоформираното Здружение за филмска уметност „Центар за филм“ – Битола, зад кое стојат поранешниот директор на фестивалот Димитар Николов-Таки и уште дваесетина уметници.
Поради ова, Агенцијата за филм испратила допис до двата подносители. Во дописот се бара од двата подноситела во најкраток можен рок да образложат за што станува збор и кои се намерите поради кои новоформираното здружение се јавува на Конкурсот.
Во дописот од Агенцијата за филм се укажува и на тоа дека и двата подноситела во пријавата доставиле правилник за работа на фестивалот, а поради тоа, Агенцијата не е во можност да ги евалуира доставените пријави за еден ист проект, пред да побара образложение.
„Исто така, поради фактот што во претходните години во континуитет организацијата на Фестивалот беше водена од страна на ДФРМ Агенцијата за филм е изненадена од пријавата на овој фестивал од новоформираното здружение за филмска уметност „Центар за филм – Битола“. Поради оваа причина се обраќаме до двата подносители со цел барање на образложение за што станува збор и кои се намерите заради кои ова Здружение се јавува на Конкурс“, се вели во дописот од Агенцијата за филм.
Од Друштвото на филмски работници се спротивставуваат на како што велат, намерата на одредени луѓе да го преземат фестивалот. Претседателот на Друштвото, Роберт Насков, истакна на денешната прес-конференција дека фестивалот се финансира од буџетот на Република Македонија, со јавни пари и граѓаните треба да знаат што се случува.
„Овој допис членовите на ДФРМ и филмските професионалци го сфаќаат како напад на фестивалот, напад на ДФРМ, како напад врз македонската филмска историја и традиција. Ние, оваа генерација на филмаџии фестивалот си го чувствуваме како аманет оставен од нашите постари колеги“, рече Насков.
Тој упати порака до новоформираното здружение дека оваа генерација филмаџии нема да дозволи да му се наштети на фестивалот и на филмската традиција која, како што рече, ја негуваме веќе 37 години. Поддршка дадоа и актуелниот и поранешните директори на фестивалот Благоја Куновски – Доре, Томи Салковски, Лабина Митевска и Горјан Тозија.
Салковски појасни дека организатор на фестивалот „Браќа Манаки“ е ДФРМ, кое, како што рече, е правно лице кое го организира фестивалот. Тој потсети дека претседателот на Република Македонија е покровител на фестивалот, финансиран од Министерството за култура, а од пред некоја година од Агенцијата за филм.