Движењето и вработувањето остануваат најголем проблем за слепите лица во земјава. Недостигаат и дефектолози за работа со децата, а голема е надежта дека со новиот софтвер кој синтетизира глас, барем образованието ќе стане еднакво достапно за сите. На денот на белиот стап, слепите лица се прошетаа низ Скопје и покажаа дека столпчињата на тротоарите, дупките и возилата им го загорчуваат животот.
Голем дел од институциите исто така велат дека им се недостапни, а без туѓа помош макумина се решаваат да излезат од дома. Оние пак кои ќе се решат на овој чекор се наоѓаат пред нова бариера, дискриминацијата. Сеуште постои, вели Гоце Радевски , кој како дипломиран новинар тропнал на вратите во повеќе редакции.
„Се завршуваше со познатото – остави телефонски број , ќе те побараме. Ова ме демотивираше, па се запишав и на постипломски студии. Сепак не ги продолжив, сите ме гледаа како бескорисен во нивната медиумска куќа. Им велев дека и волонтерски ќе работам месец, два, па ако видам дека не се снаоѓам самиот ќе си отидам. Ни тоа не беше прифатено“, вели Радевски загрижен поради предрасудите во општеството.
Додека технологијата оди напред, засега мал број од ваквите помагала им се достапни на слепите лица. Главен проблем е цената, забележува Жарко Селковски, претседателот на Националниот сојуз на слепи на Македонија.
„ Постојат многу помагала , но се скапи. Ние се обидовме и успеавме минатиот месец преку министерството за здравство да добиеме неколку вакви помагала, ни даваат и бели стапчиња… Сега се изработува една говорна синтеза, со која преку компјутер ќе може да работиме , да пишуваме , читаме и проверуваме мејл, ова вистински ќе ни помогне“’, додава Селковски и вели дека добиле ветување, штом биде готов, ваквиот софтверот бесплатно ќе им се дава на слепите лица во земјава.
Надежите на оние кои го одбележуваа Денот на белиот стап сега се свртени кон неодамна најавениот проект за 300 нови државни вработувања за лицата со посебни потреби. Сепак, само во Националниот сојуз за слепи лица членуваат околу 2500 лица.
Покрај оваа мерка министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов го спомена проектот за отворање на градинка за слепи деца, истакна дека од лани 1800 луѓе земаат додаток за слепило од 7.000 денари, најави дека почна со работа библиотеката за слепи лица во рамките на НУБ “Климент Охридски” во Скопје.
„Слепите лица активно допринесуваат за развој на позитивен општествен амбиент и меѓународно промовирање на нашата земја, како држава на можности”, истакна Спасов на настанот организиран на Денот на белиот стап.
Ј.Ј.