Граѓанското движење „Кој е следен?“ пред утрешниот протест објави дополнителни барања, но овој пат со фокус на безбедност и превенција.
Посочуваат дека безбедноста на граѓаните не може да биде осигурана без транспарентно работење на сите инспекторати.
„По последното потфрлање, каде најмладите ги загубија своите животи поради потфрлувањето на сите поврзани институции, мора целото работење на сите инспекторати да биде, од сега па натака, крајно транспарентно. Од таа причина, неопходно е да се направи систем за надзор на инспекторатите – Е-Инспекторат – каде ќе биде постојано објавувано во кои објекти и локали бил спроведен инспекциски надзор, а во кои не. Мора инспекторатите да доставуваат и објавуваат јавни извештаи од инспекциските надзори, каде јасно и детално ќе биде наведено како се употребуваат објектите низ државата. Транспарентното работење на инспекторатите е првиот чекор кон градење на довербата на народот“, се вели во соопштението на „Кој е следен?“.
Од таму прашуваат во кој свет е доволно Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да има вработено само пет инспектори за цела држава?
„Државните контролни служби не смеат да продолжат да работат со поразително мал број на инспектори! Недозволиво е овие клучни институции да имаат повеќе административни работници од стручни и кадарни инспектори. Како заштитници на безбедноста во објектите, неопходно е да се екипираат инспекторатите со стручен кадар, кој ќе може да го осигура работењето по прописи. Без тоа, ниту еден од нас, нема да може да излезе од дома без страв дека може да настрада, па и да го загуби својот живот“, потенцираат од граѓанското движење.
Воедно велат дека крајно неопходно е луѓето во иднина да знаат како да си помогнат себеси или на некој друг кој е во опасност.
„Мора соодветна едукација за евакуација да биде достапна за секој од нас! Клучно е луѓето да бидат обучени како да се справат во опасни ситуации во затворени простори и со тоа и да се подигне општото знаење за безбедноста на објектите. Кога системот не може да не заштити, мораме да бидеме оспособени да се заштитиме самите себеси“, забележуваат од „Кој е следен?“.
Оттука, нивни сумирани барања за безбедност и превенција се:
1.Воспоставување на дигитален сервис „Е-Инспекторат”, каде на неделно и месечно ниво ќе се објавуваат спроведените инспекциски надзори од следните институции: Државен пазарен инспекторат; Дирекција за заштита и спасување; Државен инспекторат за урбанизам; Државен градежен инспекторат; Локален градежен инспекторат.
2.Воспоставување на нов сервис налик „Европски број за итни случаи (112)”, каде граѓаните ќе можат да се обратат, ако сметаат дека има потреба од било каков инспекциски надзор;
3.Зголемување на бројот на стручни инспектори во институциите;
4.Образование и подигнување на јавна свест:
○ Означување на сите објекти со некаков вид на информативен материјал кој би содржел информации од типот на: проверка од надлежните инспекторати и инструкции за препознавање на опасности (пр. број на излези, чувство на загушливост, влажност на воздух, патеки за евакуација итн.).
○ Теоретска и практична настава во училишта и јавни институции за потенцијални опасности и начини на евакуација при несреќи;
○ Воведување на предмети во техничките школи и факултети за ППЗ и заштита при работа
Претходно од движењето побараа транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на клубот ,,Пулс” од неговото отварање до несреќата од повеќе институции, а притоа бараат дисциплинска, кривична и/или политичка одговорност од сите институции кај кои ќе се утврди пропуст во работењето поврзано со овој случај.
Исто така, соодветна одговорност за сите поврзани со случаите со изгорената модуларна болница, со Онкологија, „Дурмо Турс“ и „Беса Транс“. Воедно, движењето бара Комора на угостители да започне да работи на подобрување на услугите и условите на работење на угостителските објекти, а не како што велат само за дерегулација и финансиска помош од државата.
„Без исполнување на овие барања, Македонија нема како да почне да се лекува. Луѓето заслужуваат одговори. Сите ние заслужуваме правда. Мораме да излеземе на улици сѐ додека целата вистина не е изнесена на виделина. Бидејќи системот по безброј кој пат ја изигра довербата на народот, разрешницата од овој случај мора да биде под окото на јавноста. Народот не смее да биде повторно изманипулиран“, соопштија од „Кој е следен?“.
Протестот со наслов „Доста бевме ние, системот е следен“ е закажан за утре, понеделник во 18:59 часот на плоштадот „Македонија“.