Во организација на движењето „Нашето име е наше право“, денеска на плоштадот „Македонија“ во Скопје, во 13 часот, ќе се одржи протестен собир. Според организаторите, протестот ќе биде против промена на името на Република Македонија и за прекин на разговорите со Грција.
Собирот се одржува во ист ден заедно со протестите на Македонци од дијаспората во 14 градови во светот.
„Заедничка ни е мислата, идејата и мисијата – да кажеме стоп на преговорите за промена на името и таквиот став аргументирано да го поткрепиме. Ве уверуваме дека нема никакви задкулисни игри, предавства, заговори…или што ли уште не, како што некои од вас наведуваат во своите коментари. Се работи за луѓе со висока свест за својата припадност и со искрени патриотски чувства“, стои на фејсбук страната на движењето.
Организаторите најавуваат дека на протестниот собир во Скопје ќе има директни вклучувања од протестите во останатите градови, каде собирите ќе се одржат во исто време.