Двојка за слободата на медиумите во Македонија

Со просечна оценка 2 е оценета состојбата во македонскиот медиумски простор, преку Медиумскиот барометар на фондацијата Фридрих Еберт. Врз основа на педесетина показатели и по стандардизирана методологија, Македонија за првпат добива оценка од барометарот , кој главно ја мери слободата на изразување во земји со сериозни ограничувања во овој сектор.

Двојка за слободата на медиумите

Највисока оценка од 2,8 барометарот дава за законската регулатива во оваа област, додека останатите три сектори, за професионализмот на медиумите, за работата на МРТВ и плурализмот во медиумите, имаат многу пониски оценки.

Чиста единица и најголеми укажувања има во делот кој го  оценува мешањето на владата во уредувачките политики преку буџетските реклами, потоа за немањето слух од надлежните за потребата од развивање на медиумски плурализам, како и за проблемите со достапност на разновидни информации во руралните средини.

Според новинарот Ѕвездан Георгиевски, со оглед на тоа што истражувањето е направено во април, оценката во овој момент вели тој е уште пониска.

„Не сум голем оптимист, не верувам дека по неколку години состојбата ќе биде подобра. Дури едно време навивав и малку повисоки оценки да се ставаат овде, за да можеме да ги намалуваме по две три години“, забележува тој.

И за пратеникот од Либералната партија Ивон Величковски, последниов период се бележи ново назадување, па затоа, вели тој, и овие оценки сега се превисоки. Тој потсети дека во меѓувреме се случи носењето на закон за медиуми, како и пресудата за новинарот Томислав Кежаровски, кој поради напишан текст доби речиси пет години затвор.

До ваквите состојби, смета тој,  доведоа лошите практики од минатото, економската состојба, но пред се политиката.

„Најголемиот генератор на кризата во медиумите, а со тоа и во кризата на македонското општество и на слободата на изразување е политиката. Во дадениот случај, вината ја има Владата “, смета Величковски.

Љубомир Костовски, претседател на здружението „Јавност” пак побара да престане притисокот кон новинарите и укажа на реалната опасноста од загрозувањето на медиумските права и слободи во земјава.

Истражувањето медиумски барометар се прави преку давање оценки од еден до пет на листа од 44 показатели. Одговорите вообичаено ги даваат претставници од медиумската сфера и од граѓанскиот сектпор, а потоа истите се преработуваат по стандардизирана методологија. покрај во Македонија, барометарот ја има оценувано состојата со слободата на медиумите во земјите од Африка и Азија, а последните две години и во Југоисточна Европа.

Ј.Ј.